Скопје конечно ќе добие модерен јавен превоз преку набавка на над 100 нови автобуси и реализација на БРТ системот (Брз автобуски транспорт), најави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски во неделното интервју за Радио Слободна Европа. Според неговите зборови, теренската изведба на БРТ проектот ќе започне во 2027 година, а постапките за тендерирање се очекуваат веќе во втората половина на оваа година откако процесот со ЕБОР е успешно откочен.
„Тоа е сериозен проект за градот Скопје кој генерално ќе ги среди сообраќајните гужви. Не е доволно да ги опфатиме само правците Ѓорче Петров и Ново Лисиче. Нас ни треба целосно покривање на градот, затоа ни треба додавање на трасите кон Радишани и Драчево“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој појасни дека руинираниот возен парк на ЈСП првично ќе се освежи со 100 нови автобуси набавени со владина поддршка, плус дополнителните возила кои ќе пристигнат преку БРТ проектот. Во моментов, според информациите од директорот на ЈСП, во функција се ставени околу 180 автобуси (вклучително и 30 неодамна поправени кои стоеле во гаражите), а градоначалникот апелираше до граѓаните да пријавуваат евентуални проблеми со возниот ред.
Во однос на сообраќајниот метеж и загадувањето, Ѓорѓиевски потенцираше дека Градот применува паралелен пристап. „Од една страна ги решаваме тесните грла со проширување на улиците и градење кружни текови за да се намали застојот и испуштањето гасови. Од друга страна, инвестираме во еколошки транспорт“, објасни тој, најавувајќи и мерки за субвенционирање на еко-возила за над 2.500 таксисти во градот, како и изградба на гасни централи за домаќинствата.
Градоначалникот ја допре и темата за новиот забавен парк, најавувајќи дека тендерската постапка е во финална фаза. „Длабоко сум убеден дека ќе избереме сериозен изведувач и дека до јуни 2027 година ќе можеме да сечеме лента за новиот Луна парк“, заклучи Ѓорѓиевски.


