Британски производители сакаат да влезат на македонскиот пазар

 Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски на средбата со својот британски колега Дејвид Хит, во Лондон, ги повика бизнисмените од Обединетото Кралство да инвестираат во Македонија, посочувајќи им ги поволните услови што ги нуди.

- Нашите врати се отворени за инвестиции во производството или во откупно дистрибутивни центри за земјоделски производи за да ги пласираат на британскиот пазар, рече Димовски на средбата.

Осврнувајќи се на актуелните состојби во аграрот, Димовски нагласи дека Македонија ја усогласи легислативата согласно барањата на ЕУ и успеа да ги зголеми стандардите за производство како услов тоа да биде прифатено на пребирливиот, строг европски пазар.

- Климатско-почвените услови овзможуваат производство на квалитетни земјоделски производи со карактеристична арома, боја и вкус. Поради тоа и со заложбата на Владата која спроведува стимулативни мерки, изминатите неколку години се удвои извозот на македонски земјоделски производи, кои главно ги извезуваме на пазарите на Европската унија. Високиот квалитет на нашите земјоделски производи се надеваме дека ќе овозможи да бидеме поприсутни и на британскиот пазар, истакна Димовски.

Како што информира министерот Хит, постои интерес на британски производители за влез на македонскиот пазар, а британскиот пазар е отворен за македонското вино. Затоа, подвлече, треба да се работи на зголемување на меѓусебната трговска соработка.

Тој посочи дека односите меѓу Велика Британија и Македонија се добри, но има простор за уште поголема соработка. Хит понуди поддршка за подобрување на квалитетот и безбедноста на храната, како и подобрување на агро-технолошките мерки за зголемување на производството по единица површина.

Британскиот министер побара помош од македонскиот колега во областа на шумарството за обезбедување семиња од црн бор кој е познат по тоа што  е отпорен на болести, со цел подобрување на генетиката на нивниот бор.

Димовски, кој е прв министер за земјоделство од Република Македонија во посета на Обединетото Кралство, се сретна и со Лорд Рукер, претседавач на Агенцијата за стандарди на храна, со Пол Кристенсен, претседавач на Натурал Енгланд, како и со Питер Џинман, претседавач на стручна комисија во Министерството за животна средина, храна и рурални работи. Се разговараше околу можноста за обезбедување техничка подршка во областа на безбедноста на храната и благосостојбата на животните.

Со министерот Димовски во Лондон беше и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Дејан Рунтевски.

најчитано сега