Бранителите на Азовстал префрлени во Русија

 

Двајца врвни команданти на борците, кои ја бранеа фабриката за челик Азовстал во пристанишниот град Мариупол во југоисточна Украина, се префрлени поради истрага во Русија, јави руската државна агенција ТАСС, пренесува Ројтерс.

Судбината на стотиците борци заробени од руските сили во мај по повеќемесечна опсада на Мариупол е неизвесна. Москва рече дека тие биле преместени во одметнати источни украински провинции поддржани од Русија.

Доцна синоќа ТАСС, повикувајќи се на анонимен извор од руската полиција, соопшти дека во Русија се префрлени Свјатослав Паламар, заменик командант на баталјонот Азов и Серхиј Волински, командант на 36-та поморска бригада на украинските вооружени сили.

Специјалците ги преместија од Доњецк, источна украинска провинција која Москва ја признава како независна држава, „со цел да спроведат истраги со нив“, го цитира ТАСС својот извор.

„Други офицери од различни украински единици исто така се транспортирани во Русија“, додаде изворот.

Ројтерс не можеше да ја потврди вистинитоста на наводите, ниту пак веднаш имаше реакција од Киев.

Претходно овој месец, Украина соопшти дека нејзините разузнавачки служби биле во комуникација со заробените борци од фабриката за челик Азовстал.

Баталјонот Азов, воена единица формирана во 2014 година од доброволци од екстремно десничарска политичка ориентација за борба против проруските сепаратисти и 36-та поморска бригада беа клучни во одбраната на фабриката за челик. Киев бара размена на затвореници со Москва со цел борците да се вратат, но некои руски парламентарци бараат дел од борците да бидат изведени пред лицето на правдата.

Руските агенции на почетокот на јуни објавија дека повеќе од 1.000 борци на Азовстал биле преместени во Русија на непознати локации за истрага.

Самопрогласените Народни републики Доњецк и Луганск се наоѓаат во индустрискиот регион Донбас во источна Украина, каде Русија се бори да воспостави контрола над областа.

19.06.2022 - 14:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега