Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, заедно со амбасадорот на Република Словенија, Н.Е. Грегор Прескер, ја посетија работилницата за мозаик и рубин која се реализира во ДСУЛД „Лазар Личеноски“.

Станува збор за иновативен пристап кој ги поврзува геологијата, уметноста и едукацијата, преку практична работа со минерали – со посебен фокус на рубинот како симбол и материјал. Работилницата веќе е во тек и претставува редок пример каде природните ресурси се претвораат во креативен и едукативен процес со пошироко општествено значење.

Посетата е дел од пошироките активности на Министерството насочени кон поврзување на енергетиката и рударството со образованието, иновациите и креативните индустрии – како клучен сегмент од современите политики за одржлив развој.

„ Ваквите проекти се конкретен пример како се гради нов наратив за енергетиката и рударството – не само како сектор, туку како простор за знаење, иновации и поврзување со културата. Нашата цел е природните ресурси да станат дел од образованието, креативноста и економијата. Токму таму се создава вистинската додадена вредност за државата. Ваквите иницијативи се важен чекор кон градење нов пристап во секторот – каде младите се директно вклучени, а ресурсите се користат како алатка за учење, иновации и развој на нови вештини. “, истакна министерката Божиновска.

Амбасадорот Прескер ја поздрави соработката и поддршката на вакви проекти, нагласувајќи дека тие создаваат конкретни резултати и долгорочни партнерства меѓу институциите, образованието и граѓанскиот сектор. Во рамки на посетата, министерката Божиновска и амбасадорот Прескер симболично се вклучија и во самиот креативен процес, учествувајќи во изработката на мозаикот инспириран од рубинот.

Преку овој гест, тие дадоа поддршка на идејата за поврзување на природните ресурси со уметноста и образованието, испраќајќи силна порака за значењето на креативноста, инклузијата и заедничкото создавање како двигатели на одржливата иднина. Работилницата е дел од проектот „Вештини – клучот на зелената економија“, поддржан од Амбасадата на Република Словенија, а го реализираат Центарот за истражување на природата и културата „Nature Expedition“ и здружението „Дијалог“. Проектот комбинира геологија, сторителинг и уметност преку изработка на мозаик инспириран од рубинот.

Дополнителна вредност на процесот е и инклузивната компонента – во активностите се вклучуваат и млади лица со Даунов синдром, со што проектот добива и силна општествена димензија.

Во рамки на активностите се изработуваат два мозаика – едниот ќе биде поставен во мермерниот комплекс во Беловодица како дел од концепт за отворена галерија, а вториот ќе биде изложен во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини Проектот „Вештини – клучот на зелената економија“ отвора нова перспектива: од ресурс – до знаење, од минерал – до приказна, од образование – до одржлива иднина.

Exit mobile version