Борисов: По 15 години повторно можност да се зборува за регионот

Бугарскиот премиер Бојко Борисов, чија земја како претседавач на ЕУ денеска е домаќин на Самитот Еу-Западен Балкан, кој се одржува во Софија порача дека по 15 години повторно се појави можност да се зборува на темата Западен Балкан во рамки на процесот за интеграција на шестте земји од регионот во Унијата, јави известувачот на МИА од Софија.

- Сите разбираат колку е важен Западен Балкан и затоа 15 години по средбата во Солун имаме можност денеска да разговараме за таа тема, изјави Борисов пред средбата на врвот.

Тој нагласи дека денеска во рамки на форумот ќе учествуваат и банките со интерес за заеднички инфраструктурни проекти.

Во врска со преговорите меѓу Македонија и Грција, околу спорот за името рече: „За таа тема колку помалку изјави даваме, толку се поголеми шансите“.

На маргините на Самитот во тек е средба меѓу премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, која е втора тет-а-тет средба по таа во Давос.

Лидерите на двете земји ќе се обидат да ги усогласат ставовите околу спорните прашања во преговорите, оспегот на употреба и измената на македонскиот Устав со цел да се постигне решение за долгогодишниот спор, кој претставува препрека за европските и евроатланските интеграции на Македонија.

Самитот, што денеска се одржува во Софија е најголемиот настан што го организира Бугарија како актуелен претседавач на Унијата, кој како еден од приоритетите си го постави враќањето на Западен Балкан високо на агендата на Унијата.

Поврзаност во транспортот, енергијата и дигиталната инфраструктура, образованието и други аспекти е тема на Самитот, на кој учествува македонска владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев, јави известувачот на МИА од Софија.

На Самитот, што се одржува во организација на бугарското претседателство со ЕУ присуствуваат лидерите на државите-членки на Унијата и од регионот. Со самитот претседава претседателот на Европскиот совет Туск, кој ја претставува ЕУ, заедно со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

На Самитот учествуваат и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани.

Премиерот Заев во придружба на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска учествуваат во активностите на официјалната агенда на Самитот. 

 

 

 

17.05.2018 - 10:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа