Борел: Ако пропаднат преговорите, спремни сме да одговориме на руската агресија

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, вели дека ЕУ, пред сè, е за дипломатски пристап во решавањето на проблемот со Русија, но дека е подготвена и за потенцијално сценарио на руска агресија врз Украина.

Борел најави дека покрај финансиската помош, ЕУ размислува и за формирање мисија за поддршка на Украина во областа на воената обука.

„Доколку дипломатијата не успее, ние веќе се подготвуваме да одговориме на потенцијална руска агресија. Тоа ќе биде брза и решителна акција на единство, не само во ЕУ, туку и на меѓународна сцена“, рече Борел.

По состанокот на Советот на ЕУ, тој ја повтори безрезервната поддршка на Унијата за Украина и ја повика Русија конструктивно да се ангажира во постојните меѓународни форуми во обид да се најде дипломатско решение за актуелната безбедносна криза во Европа.

Борел додаде дека во однос на ситуацијата во Источна Европа и односите со Русија, ЕУ е во тесна координација со САД, НАТО, ОБСЕ и другите меѓународни партнери.

„Групирањето руска војска во и околу Украина и обидите на Русија да создаде линии на поделба на нашиот континент ги поткопуваат темелите и основните принципи врз кои почива европската безбедност и ги враќаат мрачните сеќавања во сфери што не припаѓаат на 21 век“, истакна Борел.

24.01.2022 - 21:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега