Полска привремено ги затвори аеродромите во Жешов и Лублин, откако полските вооружени сили подигнаа борбени авиони како реакција на руските воздушни напади врз Украина. Информацијата ја објавија светските агенции, повикувајќи се на соопштение на Полската агенција за воздушна навигација објавено на платформата Икс.
Во меѓувреме, руските сили извршија напади врз повеќе области во регионот Киев, при што биле предизвикани повреди и материјална штета на станбени објекти, градилишта и стопански капацитети. Ова го соопшти регионалната воена администрација на Киев преку Телеграм, а информацијата ја пренесе Укринформ. Како што се наведува, едно лице е повредено во регионот Ивано-Франкивск додека се движело со возило за време на нападот и било пренесено на лекување во локална болница.
Од Белата куќа соопштија дека американскиот претседател Доналд Трамп утре ќе оствари средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Палм Бич, Флорида. Билатералната средба е закажана за 15:00 часот по локално време и ќе биде фокусирана на продолжување на разговорите поврзани со напорите за завршување на војната во Украина.
Засега нема информации дали ќе следат какви било преговори со Русија, имајќи предвид дека Москва не се споменува во официјалното соопштение на Белата куќа.

