Православните верници денеска го слават големиот христијански празник Богојавление – Водици, денот кога Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Со свети литургии и традиционално положување на чесниот крст во осветените води, празникот се одбележува низ целата држава.
Во Скопје, централната манифестација започнува во 9:00 часот во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде ќе богослужи поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан. Околу полдне, поворката ќе се упати кон мостот „Слобода“, каде архиепископот ќе го спушти крстот во Вардар.
За годинашната манифестација во главниот град се пријавени околу 160 граѓани. Отец Благоја од храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ истакна дека интересот е голем, а сите учесници поминале низ потребните здравствени контроли. Среќниот фаќач на крстот ќе биде соодветно награден од МПЦ-ОА.

