Блиц: САД и Западот на Вучиќ му испратија план за Косово

САД и западните земји доставија план за решавање на косовскиот проблем до српскиот претседател Александр Вучиќ, пишува весникот „Блиц“ и наведува дека планот бил подобар за Србија од сите претходни, но оти се уште не е прифатлив за Вучиќ.

- САД и западните земји ги доставиле своите начела и принципи, но за нас тоа не е доволно добро. Не можеме да добиеме ниту една општина, ЗСО ќе добие статус, но не се знае каков статус ќе има, изјави неименуван извор за Блиц, за кој весникот наведува дека е „запознаен со деталите од предлогот“.

Весникот пишува дека Вучиќ не е задоволен со планот, и оти ништо не им одговорил на предлагачите.

Се напоменува и дека Западот го игнорирал ставот на државниот врв дека не постои прифатлива опција доколку Приштина добие се, а Белград ништо.

- На масата на Вучиќ стигна повеќе од она што Србија го добиваше претходно, што во целата ситуација е позитивна околност, но тоа за него се уште не е прифатливо. Свесен е дека ова е непристојна понуда од Западот со која тој не може да излезе пред граѓаните, наведува соговорникот за Блиц.

Во составување на овој нон пејпер документ, набројува весникот, учествувале помошникот на американскиот државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел, заменичката на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Хелга Шмит и претставник на Велика Британија.

Весникот инфомира дека предлогот е на масата на српскиот претседател од пред да замине за Москва, и претпоставува дека Вучиќ за тоа разговарал со рускиот претседател Владимир Путин и дека го известил за ставот на Србија.

Според Блиц, Вес Мичел делови од планот претставил и на српски бевладини организации, отворено велејќи дека Србија мора да го прифати.

- Ако не го прифати Вучиќ, има кој ќе го направи тоа, но тоа тогаш е крај и за него и за Србија, им рекол Мичел на неколку претставници на НВО.

Весникот тврди дека на еден состанок дури зборувал и за пари и спомнувал сума која Западот би можел да ја даде за прифаќање на овој план. 

 

 

 

15.05.2018 - 14:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа