Бизнисмен призна вина во „Империја“, Панделески не го разбира ниту обвинението, брокерот ќе размислува

Еден бизнисмен призна вина на првото рочиште за „Империја“, друг ќе докажува дека е невин, а третиот бараше и доби одложување на судењето за да размисли дали е виновен. Сопственикот на компанијата „Езимит“, Зоранчо Митревски, посочи дека чувствува вина за делата што му се ставаат на товар. Сопственикот на „Пелистерка“, Цветан Панделески, и пред судот рече дека не е виновен. Берзанскиот брокер Јованче Тасковски на следното рочиште ќе се произнесе за вина.

„Се чувствувам виновен за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Се чувствувам виновен и за перење пари и други приноси. Признанието го давам доброволно, не сум прислиен, здравствената состојба ми е одлична“, изјави бизнисменот Зоранчо Митревски, сопственик на „Езимит“.

Панделески не призна вина, а ниту го разбира обвинението.

„Обвинението не можам да го разберам, не се чувствувам виновен. Со оглед дека многу адвокати и правници не може да го разберат, не барајте од мене, економист, да го разберам. Таму пишува по претходни договори, за кои не се наведени настан, време, место“, рече Панделески.

Беше побарана пауза по која се бараше одложување на рочиштето.

„Се консултирав со клиентот. Условно кажано, тој се двоуми да признае, но и да не признае вина поради тоа што се работи за специфичен кривично-правен настан. На клиентот му кажав дека има трошоци на постапката, а тој не може да ги покрие. На Тасковски му треба временски период за тоа да се консултира со своите членови на семејството“, рече Мерџан Даути, адвокат на Тасковски.

Судијката Васка Николовска-Масевска дозволи одлагање на рочиштето.

„Се дозволува одлагање“, рече судијката.

Од 19 лица, кои беа опфатени во предистражната постапка, само овие тројца осомничени ќе ја докажуваат невиноста пред суд. Панделески се гони за злоупотреба на службената положба, перење пари и за измама. Митревски се гони за злоупотреба на службената положба и овластувањето и за перење пари. Брокерот Тасковски се гони за овие две дела, како и за измама.

Претходно, обвинителката Лиле Стефанова пред судот рече дека има докази со кои ќе докаже вина кај сите обвинети.

20.03.2023 - 15:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега