Битиќи: Владата ќе го најде најдоброто решение за етничкото вработување

 Не треба да има двоумење дека Владата ќе го најде најдоброто можно решение, а и премиерот имаше јасен став за етничкото вработување дека остануваме отворени кон секое едно прашање, секое прашање заслужува одговор, но заедничко решение ќе најдеме на масата во Владата, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

-Да почекаме на исходот и да вимиме што се идеите на сите страни и на крај да ги прашаме стопанските комори, синдикатите и самите граѓани што мислат околку тоа прашање и да видиме кое е решението. Затоа мислам дека не би требало воопшто да има двоумење дека Владата ќе го најде најдоброто можно решение за граѓаните без разлика каде и какви се. За нас сите граѓани се еднакви и како такви заслужуваат да добијат одговор за било кое прашање или проблем за кој сметаат дека придонесува за да имаат подобар квалитет на живот, рече Битиќи во одговор на новинарско прашање по потпишувањето договор за државна помош со компанијата „ВИК Македонија“.

Тој побара простор од медиумите за да се реши прашањето.

Прашан дали Буџетот може да издржи доколку се спроведе мерката, рече дека тоа е хипотетички и оти е исто како да го прашаат дали може да се реализираат капитални инвестиции од една милијарда доколку се предвидат.

-Буџетот ќе издржи онолку колку што сите заедно ќе се залагаме да го полниме. Рековме дека ќе нема отстапки кон сивата економија, кон неформалниот сектор и сите однесувања кои не прилегаат на една земја која аспирира да  биде членка на ЕУ. Ако сите заедно се бориме против тие негативни феномени мислам дека Буџетот ќе издржи за билошто што ќе сметаме дека е адекватен одговор на барањата и очекувањата на граѓаните, Во овој момент е само хипотетички да кажам дали ќе издржи или нема да издржи затоа што немаме ништо конкретно на маса, потенцира Битиќи.

Појасни дека министерствата за политички систем и за информатичко општество и администрација веќе креираат план за прераспоредување на 1.300 вработени од јавниот сектор

-После само 22 дена од формирање на Владата кој е епилогот со 1.300-те вработени кои треба да завршат некаде каде што треба да завршат е прерано. Рековме дека во однос на сите прашања соодветно во даден временски период ќе се изјасниме, рече Битиќи и порача дека еднаш за секогаш треба да се разјасни што е државна управа, а што јавен сектор.

Кога зборуваме за намалување на бројот на вработени во јавната администрација, нагласи, мислиме на целосниот јавен сектор, а не на државната управа.

-Ако се види функционалната анализа на секоја институција посебно, особено по министерствата ќе се согледа дека дури недостасуваат луѓе кои се планирани по систематизација. Сепак остануваме на ставот дека јавната администрација ќе биде намалена за 20 отсто, посочи Битиќи. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

23.09.2020 - 14:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа