Бислимовски: Бараме да се зголеми бројот на ранливи потрошувачи со цел тие да ги обезбедат своите потреби за струја и да се намали процентот на не плаќање

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) во насока на заштита на потрошувачите од евентуални ценовни шокови предизвикани од ковид кризата во рамките на своите надлежности кон крајот на минатата година достави предлог до Министерството за економија со кој побара да се зголеми опфатот на ранливите потрошувачи, потврди за МИА претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

-Бараме да се зголеми бројот на ранливи потрошувачи со цел овие категории на граѓани да си ги обезбедат своите потреби од електрична енергија и да се намали процентот на не наплата со што ќе ја релаксираме ситуацијата и во енергетските компании, бидејќи проблемот со ликвидноста ќе биде целосно надминат и дополнително ќе ја зголемиме ликвидноста на целиот електроенергетски сектор, посочи Бислимоски.

За да се утврди за колкав број на домаќинства станува збор, додаде, ќе треба да организираме повеќе заеднички состаноци пред се со Министерството за труд и социјална политика, кое води евиденција за ранливите категории на потрошувачи, и со операторот на дистрибутивниот систем – Електродистрибуција кои се одговорни во енергетскиот дел, односно во потрошувачката  на електрична енергија.

-Тие податоци кои ги имаат од Министерството и соодветните институции во нивна надлежност, заедно со податоците од Електродистрибуција треба да се вкрстат за да имаме точен број на домаќинства. Тоа е сериозна акција и сериозна реформа за која верувам дека ќе биде завршена како што треба, прецизира Бислимоски.

Досега како ранливи  категории на потрошувачи се сметаа само домаќинствата кои примаат социјална помош.

-Со предлогот покрај домаќинствата кои земаат постојана социјална парична помош, бараме во ранливи категории да влезат и домаќинствата во кои нема ниту еден вработен и кои не се корисници на постојана социјална парична помош и немаат друг извор на пари. Бараме во оваа категорија да се вметнат и домаќинствата кои имаат невработено лице корисник на паричен  надоместок од Агенцијата за вработување во висина на постојната социјална помош и е единствен приход во домаќинството, како и домаќинствата кои се со повеќе од два члена во кои има еден член што е пензионер и добива минимална пензија, односно е во првата група, и тоа е единствен приход во домаќинството, вели Бислимоски.

Бараме, додава, да се вметнат и домаќинства со повеќе од два члена во кои има само еден вработен со минимална плата чиј износ се движи во висина на постојана социјална парична помош и нема други приходи во домаќинствата.

-Дополнително, имајќи ги во предвид проблемите кои ги предизвика ковид кризата во економијата, побаравме  во ранливите потрошувачи да се вметнат и домаќинствата кои имаат невработено лице од 1 април 2020 година што е корисник на парична помош во случај на невработеност од Агенцијата за вработување, истакна Бислимоски за МИА.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

09.01.2021 - 10:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега