Бислимоски: Не очекуваме зголемување на цената на струјата

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски во интервју за МИА говори за цената на струјата, кондицијата на енергетските компании, заштитата на потрошувачите од ценовните шокови, водните и комуналните услуги и плановите за Новата 2021 година.

На прашањето дали се очекува зголемување на цената на електричната енергија поради намаленото производство во хидроцентралите заради неповолната хидрологија и следствено на тоа зголемениот увоз, Бислимоски вели дека во овој момент не се очекува зголемување на цената на електричната енергија.

-ЕСМ има обврски да ги обезбеди потребите на малите потрошувачи и на домаќинствата и тоа по цена која сама си ја определува, бидејќи РКЕ повеќе не ја определува цената на ЕСМ за струјата. Според информациите кои ги имаме, сега цената на ЕСМ изнесува 38,8 евра за мегават час. Факт е дека имаме намалено производство од хидро капацитетите во државата кое пред се се должи на лошата хидрологија која кон крајот на 2020 година ја имаше не само во нашата земја, туку и во регионот и од тие причини имаше потреба од увоз на електрична енергија, но ЕСМ е обврзан во рамките на таа цена која што ја понудил од 38,8 евра за мегават час да ги обезбеди потребите на малите потрошувачи и на домаќинствата. Дали ќе увезува дополнително или не тоа од аспект на цена не е битно, бидејќи во калкулациите на РКЕ влегува цената која ја нуди ЕСМ и во рамките на таа цена ЕСМ ќе си ги покрие своите трошоци за увоз на електрична енергија, вели тој за МИА.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

09.01.2021 - 10:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега