Билетот за влез на Плаошник е неопходен за црквата непречено да функционира

Во црквата „Св. Климент“ и „Св. Пантелејмон“ на Плаошник од 1 јуни почна да се наплаќа влез од 100 денари.

Отец Никола од Дебарско-кичевската епархија информира дека билетот за влез е воведен за да може црквата непречено да функционира и да ги подмирува своите долгови за потрошена струја и телефон, како и за обезбедување плати за вработените во храмот.

 

- Од први јуни е воведено наплаќање за влез во комплексот Плаошник бидејќи трошоците за црквата односно за нејзиното одржување се зголемуваат. Црквата не може веќе да се одржува од доброволните приходи. Токму затоа е воведена оваа такса за да може црквата да им плаќа на своите вработени, да го одржува објектот, да се подмируваат сметките за струја, телефон и слично, рече отец Никола.

 

 

- Како и во сите поголеми центри и туристички места што се наплаќа за да се види некој објект или културно-историски споменик, и овде, по 12 години се наплаќа зашто црквата не може да работи во минус и да се одржува само од доброволните прилози, додаде отец Никола. 

 

 

Досега билет за влез се практикуваше во црквите „Света Софија“, „Света Богородица - Перивлепта“, како и во црквата „Свети Јован Богослов“ во Канео. Во парохиските цркви кои се активни и посетени секојдневно од страна на локалното население, Дебарско-кичевската епархија не планира да воведе дополнителна давачка за влез во нив.

ФОТО: Глобусмагазин