„Би-Би-Си“ во база на странските борци во Украина - ги има од Македонија, Косово, Албанија

 

Повеќе од 20.000 странски борци од повеќе од 50 земји се приклучиле кон украинската армија од почетокот на конфликтот во Украина, јавува „Би-Би-Си“.

Извештајот е на дописничката на медиумиот, Олга Малчевска, која добила пристап до една од тајните бази за обука на Меѓународната легија во источна Украина.

Во извештајот се наведува дека странските борци потпишале официјални договори.

Двајца британски војници загинаа во конфликтот, но доаѓаат нови борци да се борат на страната на украиснките сили, известува „Би-би-си“ заклучувајќи од разговорот со нив дека сите тие имаат различни мотиви да се борат против Русија.

„Не е само поради Украина, туку и поради Тајван. Дојдов тука за независност и слобода“, вели еден од странските борци.Друг раскажа дека се борат за демократија во светот против диктатор.

Деил Мек Ги престојува во Украина неколку месеци, јавува „Би-би-си“. Пред да се приклучи кон украинската армија, неколку години бил во служба на британската војска.

„Работев со татко ми, и одеднаш се свртев кон него и му реков: ‘Тато јас ќе заминам’. Веројатно сите што се тука размислуваат за можноста за смртта. Лично дојдов да помогнам, па ако умрам, тоа е тоа“, раскажа тој.

Руското Министерство за одбрана неодамна објави список на, како што рече, странски платеници кои се борат во Украина. Според тие информации досега 79 македонски државјани заминале да се борат, а 21 од нив загинале. Според податовите, 19 македонски државјани веќе ја напуштиле Украина, додека во моментов на украинска страна се борат уште 39 лица.

Руските информации се дека во Украина стигнале и 204 „платеници“ од Хрватска, од кои 74 загинале, 167 од БиХ, од кои 51 загинале, 46 си заминале. Од Косово пристигнале 156 лица, од кои загинале 61, а од Албанија 150, 42 загинале.

26.06.2022 - 15:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега