Бездомник почина на плоштадот Свети Петар, Ватикан реагираше со соопштение

 

Бездомник од Германија почина на плоштадот Свети Петар во Рим, соопшти денеска Ватикан. Тој беше пронајден мртов во петокот наутро под познатите колонади до базиликата „Свети Петар“.

Папата Франциско ја примил веста за смртта на човекот со болка, соопшти портпаролот на Ватикан, Матео Бруни.

Бил роден во Германија 1961 година, а живеел на улиците на Рим и за него се грижеле црковни институции.

„За жал, студот и дождот во последните неколку ноќи ја влошија неговата состојба, на која животот на улица остави белег“, рече Бруни.

Папата рече дека се моли за мртвите и за сите бездомници во Рим и во светот.

Секоја вечер на плоштадот Свети Петар спијат многубројни бездомници, а неколку организации даваат сѐ од себе да се грижат за нив.

25.11.2022 - 22:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа