Општина Ѓорче Петров започнува нова фаза во својата дигитална трансформација. Денес, пратеникот Бојан Стојаноски, заедно со министерот за дигитализација Стефан Андоновски и градоначалникот Александар Стојкоски, го најавија проектот за воспоставување бесплатни Wi-Fi зони на територијата на општината.

Првата бесплатна Wi-Fi зона веќе е поставена во паркот во центарот на Ѓорче Петров, овозможувајќи им на граѓаните неограничен и бесплатен пристап до интернет.

„Ова е само првиот чекор во процесот на дигитална трансформација на општината“, истакна Стојаноски, додавајќи дека проектот е дел од поширока стратегија за создавање модерна и поврзана општина, достапна за сите генерации.

Покрај Wi-Fi зоните, започнува и имплементацијата на Географски Информациски Систем (ГИС) – современа дигитална платформа која ќе овозможи прецизно мапирање, анализа и визуелизација на просторните и инфраструктурните податоци во општината.

Со воведувањето на ГИС системот, Ѓорче Петров ќе добие детална дигитална мапа на сите објекти, улици и инфраструктура, што ќе овозможи побрзи, потранспарентни и поефикасни услуги за граѓаните, како и поефективно планирање на урбанистички и комунални проекти.

Општината со овие чекори прави значаен исчекор кон дигитализацијата и модернизацијата на јавните услуги – со цел да стане пример за современа, достапна и иновативна локална самоуправа.

Exit mobile version