По повод Светскиот ден на змиите, Македонското еколошко друштво вечерва во дворот на Кинотеката на Македонија во Скопје организира бесплатна проекција на документарниот филм „Европа: Еден континент, пет света“, во кој е прикажан и Голем Град во Преспанското Езеро, познат како „Змиски остров“.

Од МЕД информираат дека проекцијата ќе започне во 20:30 часот, а публиката ќе има можност да ја проследи првата од шесте епизоди на документарниот серијал „Европа“, кој е сниман на повеќе од 50 локации во речиси 30 земји.

Во филмот посебно внимание е посветено на змијата-рибарка (Natrix tessellata), еден од најкарактеристичните видови на Голем Град. Нејзиното живеалиште го следела меѓународна филмска екипа, со стручна поддршка од херпетологот Драган Арсовски од Македонското еколошко друштво.

По завршувањето на проекцијата, Арсовски ќе ги сподели искуствата од снимањето на документарецот, како и сознанијата од долгогодишните истражувања на водоземците и влекачите на островот.

Од организаторите посочуваат дека филмот е преведен на македонски јазик, погоден е и за најмладата публика, а влезот на проекцијата е бесплатен.

Exit mobile version