Општина Центар и Црвениот крст потпишаа договор за продолжување на соработката за користење на услугата за бесплатен транспорт до здравствените установи.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека станува збор за проект кој се покажа како значаен и корисен, и ги повика граѓаните кои имаат потреба од ваква услуга активно да ја користат.
„Со овој проект им го олеснуваме животот на лицата со попреченост. За реализација на услугата, Општина Центар издвои 500.000 денари од сопствениот буџет, со цел да им го олесни пристапот до болниците и лекарите на граѓаните на кои тоа им е најпотребно“, посочи Герасимовски по средбата со претставниците на Црвениот крст.
Услугата подразбира бесплатен превоз до здравствените установи со наменски возила на Црвениот крст за лица над 18 години кои користат ортопедско помагало (инвалидска количка, дубак или одалка) и живеат на територијата на Општина Центар, како и лица над 18 години кои не користат ортопедско помагало, но поради болест се во лежечка, односно неподвижна состојба.
Транспортот треба да се закаже минимум 24 часа однапред (од понеделник до петок) со телефонски повик на бројот на Црвениот крст. Со остварување на еден телефонски повик може да се закаже превоз за еден корисник до една конкретна дестинација. Термините се закажуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, од понеделник до петок, од 08:00 до 16:00 часот.
Корисниците имаат право на бесплатен превоз во еден правец максимум 10 пати во текот на една година, но доколку имаат потреба од повеќе, истиот може да го платат согласно ценовникот на Црвениот крст на Република Северна Македонија.


