Бесими на Пролетните состаноци со ММФ ќе го презентира Планот за финансирање на забрзан раст

Министерот за финансии Фатмир Бесими, во текот на претстојната недела, ќе учествува на Пролетните состаноци на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд , кои годинава се одржуваат онлајн. Во рамки на состаноците, министерот за финансии на меѓународните финансиски институции ќе им ги презентира економските мерки за справување со Ковид и нивниот импакт врз економијата, како и Планот за финансирање на забрзан раст, нов стратешки документ кој има за цел преку изнаоѓање нови механизми и извори на финансирање да го поттикне економскиот раст, а воедно да влијае на фискалната консолидација, односно стеснување на дефицитот и стабилизирање на јавниот долг. Исто така, ќе биде разгледана тековната соработка и проектните портфолија со меѓународните финансиски институции, напредокот и очекувањата за идниот период.

Планот за финансирање на забрзан раст ќе има важна улога за економијата во Република Северна Македонија и зголемување на бројот на работни места, преку користење на јавните инвестиции и средствата од официјалните кредитори за мобилизирање на приватниот капитал. Очекуваните резултати се двојно забрзување на економскиот раст (од 2,5% на 5% на среден рок), задржување на нивото на јавниот долг и буџетскиот дефицит во рамки на мастришкиот критериум и раст на јавните и приватните инвестиции, соопштувааат од кабинетот на Бесими.

Од таму појаснуват дека главната цел на планот е преку креирање и користење на нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање, да се создаде мултипликативен ефект, односно покрај планираните јавни инвестиции во износ од 4 милијарди евра за период 2021-2025 ќе се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор. Со тоа, неколкукратно ќе се зголемат вкупните инвестиции во економијата и ќе се придонесе кон дополнително забрзување на растот на бруто домашниот производ и креирањето на нови работни места.

Планот особено ќе поддржува еколошки и климатски проекти, иновации, како и иницијативи за поправедно општество.

Планирано е да се креираат развојни фондови, фондови за поддршка на иновации, гарантен фонд, еквити фондови, фонд за ризичен капитал и слични инструменти за поддршка на извозни компании, мали и средни претпријатија, како и социјални претпријатија. Се планираат јавни приватни партнерства, концесии и други инструменти за финансирање на јавни капитални проекти, но и на приватниот сектор. Тоа ќе бидат проекти кои се наведени во рамките на Националниот Инвестициски Комитет , како и нови проекти, кои можат да произлезат како иницијативи од јавниот или приватниот сектор, велат од министерството за финансии.

Дообјаснуват дека Пролетните состаноци со ММФ и Светската банка се еден од клучните финансиски настани во текот на годината и се наменети за координација помеѓу финансиските власти, меѓународните финансиски институции, приватниот и невладиниот сектор од целиот свет и дискусија за предизвиците и идните политики за глобалните и локалните економски цели и развој.

Нашата делегација, предводена од министерот за финансии Фатмир Бесими и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, во текот на следната недела ќе оствари повеќе состаноци, меѓу кои и со потпретседателката на Светска банка за Европа и Централна Азија Ана Бјерде, директорот на ММФ за Европа Алфред Камер, директорот на конституенцата предводена од Кралството Холандија Кун Дејвидсе, извршниот директор на ММФ Пол Хилберс и други високи функционери на Светска банка и ММФ.

Макфакс

 

 

 

Добивајте вести на Viber

04.04.2021 - 12:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега