Берлин ни испрати порака: Неопходни се уставните измени

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок вчера од Скопје порача дека е неопходно да се направат уставни измени со цел официјално да започнат преговорите за членство. Таа нагласи дека ако не сакаме сите млади да заминат во Европа, тогаш Европа треба да ја донесеме овде. Бербок рече дека разбира оти промената на Уставот не е лесна работа, но нагласи и дека тоа не смее да стане политичко јаболко на раздорот во натпреварот за популарност на политичките партии во анкетите. Премиерот Димитар Ковачевски вчера негираше дека има пратеници од владејачкото мнозинство, односно од СДСМ, кои се против уставните измени. Според него, тоа што го кажува опозицијата нема реална основа. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, на средбата со Бербок, рече дека „уставни измени под бугарски диктат нема да има и дека овој пратенички состав нема мандат добиен од граѓаните да учествува во таков процес“.

Германската министерка на заедничката прес-конференција со нејзиниот македонски колега Бујар Османи, најави дека ќе дојде пак во Скопје во декември, бидејќи, како што појасни, треба да се разговара со сите демократски фактори во земјата.

- Сакам да ја изразам мојата почит и признание колку досега Северна Македонија консеквентно чекореше по европскиот пат. Знаеме какви компромиси и отстапки Вие направивте за сево ова, поаѓајќи од промената на името на земјата, па се до постигнувањето на согласност за промената на Уставот минатото лето. Знам дека договорот што го постигнавте со Бугарија не беше лесно за вас и затоа им се обраќам на сите оние луѓе кои се уште чувствуваат некаква нелагодност во однос на тоа. Уставот не е нешто што се менува постојано, туку тоа се важни чекори и затоа и можам да разберам дека се дебатира за тоа - особено кога станува збор за сопствениот идентитет и сопствената историја, јазик и култура, рече Бербок.

24.03.2023 - 09:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега