Новиот „Одбранбен законик“ на Белгија експлицитно ќе ја овласти војската да соборува беспилотни летала, изјави белгискиот министер за одбрана Тео Франкен за време на парламентарната седница, истакнувајќи дека сегашната законска рамка остава простор за толкување.
Според сегашното законодавство, мислам дека е можно, но мора јасно да ги дефинираме правилата за нашите војници да бидат заштитени и од правна страна“, нагласи Франкен, објави „Браселс тајмс“.
Прашањето беше покренато откако беспилотни летала беа забележани над воениот камп Елзенборн, во близина на германско-белгиската граница, во ноќта меѓу 2 и 3 октомври.
Потеклото и целта на беспилотните летала остануваат непознати, а во тек е судска истрага во која е вклучена воената разузнавачка служба SGRS.
Војниците во моментов имаат можност да откриваат и попречуваат беспилотни летала, односно да ги блокираат за да ја заштитат воената опрема, инфраструктурата или транспортот.
Меѓутоа, законската основа за нивно соборување е сè уште спорна, иако постојат технички можности за тоа.
По инцидентот во Елзенборн, белгиското Министерство за одбрана издаде упатство до сите воени единици и гарнизони, како и до војниците на терен, да ја зголемат будноста кога станува збор за присуство на беспилотни летала во близина на воени објекти.