Бектеши во Приштина - Ќе бара решение за забраната за увоз на компири и мед

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Приштина ќе има средба со министерот за трговија и индустрија Ендрид Шала, по мерката на Косово за забрана на увоз на компир и мед од земјава.
 

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов  вчера најави дека македонските власти ќе побараат од Косово објаснување со аргументи врз основа на кои меѓународни стандарди е донесена мерката на Приштина.

Според Атанасов, македонските производи ги задоволуваат светските стандарди и нема основа изјавата на косовските власти за причините за забрана за увоз на компир и мед.

– Ќе побараме од косовските власти во текот на утрешниот ден со аргументи да ни објаснат врз основа на кои меѓународни стандарди ја воведуваат забраната. Не држи изјавата на Косово дека со ЦЕФТА договорот или по други меѓународни стандарди може да ни воведат забрана,  смета Атанасов.

Косовскиот министер за трговија и индустрија Ендрит Шаља во петокот минатата недела наложи забрана на увоз на компири и мед од Северна Македонија како одговор на забраната што Скопје ја воведе за увоз на риба за порибување од Косово. Забраната, како што изјави Шаља за порталот „Газета експрес“, ќе остане во сила се додека органите во Северна Македонија не ја преразгледаат одлуката за увозот на риба за порибување.

По наводите од косовската страна дека не е даден одговор на решавањето на прашањето за увоз на икра и млада риба од Косово во државава, од Министерството за економија соопштија дека веднаш ја информирале косовската страна дека мерката е воведена согласно прописите на ЕУ за увоз на тие производи. Навеле и дека таа е согласно со Спогодбата за санитарни и фитосанитарни мерки на СТО каде Република Северна Македонија е членка од 2003 година.

Министерот Крешник Бектеши, како што соопшти во петокот неговиот Кабинет, ги отфрли како невистинити наодите на Косово, посочувајќи дека земјава во секој момент е подготвена да разговара со факти и аргументи.

-Согласно правилата на ЦЕФТА, Министерството за економија уште во јуни на редовните состаноци на ЦЕФТА одговори на косовската страна по ова прашање а исто така и Агенцијата за храна и ветеринарство ја извести косовската страна дека новите законски прописи се донесени согласно европската регулатива. Во изминатиот период Агенцијата за храна и ветеринарство направи интензивни напори за надминување на проблемот со цел добивање соодветни информации за животинскиот и рибниот здравствен статус, но вакви податоци не се добиени иако се побарани повеке пати од ресорната институција во Република Косово. Нивните претставници истакнаа дека системот за надзор на рибни болести во Република Косово не се следи,  информираше Министерството за економија.

Дополни и дека, сепак, земјава во овој период остварувала интензивни контакти со надлежните институции на Косово за надминување на настанатата состојба, но не се добиени податоци коишто би ја потврдиле здравствената состојба на наведените производи од акредитирана институција на Косово.

Оценки и апели за надминување на несогалсувањата упатија и стопанските комори. Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески оцени дека одлуката за забрана за увоз на мед и компири е во најмала мерка популистичка, неразумна и е донесена во погрешно време.

– Имено, забраната за увоз на рибен подмладок и икра не се однесува само за Косово, туку и за сите останати земји кои немаат мониторинг, бидејќи земјава се подготвува од следната година да добие дозвола за извоз на свежа риба на европскиот пазар. Мерката е воведена согласно прописите на ЕУ за увоз на овие производи и е согласно и со Спогодбата за санитарни и фитосанитарни мерки на СТО каде Република Северна Македонија е членка од 2003 година, укажа Азески.

Официјалните податоци покажуваат дека извозот на мед во Косово во 2018 година е во вредност од 464.199 долари, додека во првите пет месеци од годинава е во вредност од 212.227 долари. Од земјава во Косово годишно се извезуваат од 40 до 1.000 тони компири.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.08.2019 - 08:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега