Бектеши – Мартенс: Најави за нови германски инвестиции и проширување на постојните

Германски компании се заинтересирани за отворање фабрики во земјава идната година, а оние што се веќе тука присутни, по КОВИД кризата планираат зголемување на инвестициите, па дури и удвојување, соопштија по денешната средба министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Германското стопанство, Патрик Мартенс.

Бектеши го информирал Мартенс за четвртиот пакет економски мерки, но и за подготвеноста, како што рече, државата да им излезе во пресрет на компаниите, посебно во делот на законодавството. Целта е отворање нови работни места и задржување на конкурентноста во време на пандемија.

Според Мартенс, германските инвеститори во земјава размислуваат за нови вработувања и за проширување на вложувањата.

-Компаниите минуваат низ тежок период поради корона пандемијата и се соочуваат со огромна промена во структурата на работењето. Трговската размена меѓу Северна Македонија и Германија пред кризата ги сруши рекордите, достигнувајќи 4,4 милијарди евра, но сега доживува невиден пад. Никој не е сигурен кога сето ова ќе заврши и колку ќе трае, но сепак добиваме позитивни сигнали од германските компании. Тие сметаат дека ако и по КОВИД-от во државава останат добрите услови како сега, ќе ги прошират инвестициите, а има најави и за нови вложувања, истакна Мартенс.

Според министерот Бектеши, се разгледуваат сите опции да им се излезе во пресрет на компаниите. За речиси секое барање во однос на измените на Законот за царини за кои најмногу е зантересирана автомобилската индустрија, се подготвува економска оправданост, а процедурите покажуваат дека треба да се добие и позитивно мислење од Министерството за финансии.

-На средбата разменивме мислења како компаниите да останат конкурентни и во време на пандемија, да донесеме што подобри мерки во таа насока. Го чекаме усвојувањето на ребалансот за да почне имплементацијата на предвидените мерки, рече Бектеши.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.10.2020 - 13:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега