БАН вели македонскиот јазик е измислен - Институт за македонска литература остро реагира

Поттикнати од објавувањето на „Повелбата за Македонскиот јазик“ на МАНУ, објавена на 3 декември, бугарската академија одржала вонредна седница на која дошле до едногласен заклучок дека Македонскиот јазик не постои, туку е писмено-регионална норма на бугарскиот јазик.

- Изјавите на членовите на академијата беа едносгласни и категорични во одбрана на научните вистини и факти кои се однесуваат на историјата, потеклото и карактерот на официјалниот јазик во Република Северна Македонија, кои во цитираната повелба се претставени некоректно и со извртување на научната терминологија. БАН и САЧК сметаат дека искажаната позиција на МАНУ во спорниот документ е невистинита и неприфатлива и штетна за односите меѓу двете држави, велат од бугарската академија.

Во мислењето на Институтот за бугарски јазик кое пристигнало во БАН се оценува дека македонскиот јазик е плод на политичка конструкција.

Денеска од Институтот за македонска литература преку соопштение најостро реагира по повод ставот на Бугарската академија на науките (БАН) дека македонскиот јазик „не постои“, т.е. дека е „писмено-регионална норма на бугарскиот јазик“.

Со ваквата изјава се негира постоењето на македонскиот јазик, литература, историја и култура и со тоа се врши негирање на македонскиот национален идентитет. За македонскиот јазик, литература, историја и култура се објавени стотици илјади монографии, студии, ставови и аргументи на македонски и на други светски јазици од реномирани домашни и странски слависти, филолози, историчари, социолози, етнолози, политиколози, културолози со кои се докажува правниот и историски континуитет на македонската нација, која постои со македонскиот јазик, се вели во реакцијата на Институтот за македонска литература.

Од Институтот посочуваат дека наместо БАН како највисока научна установа во Република Бугарија преку науката да ги афирмира воспоставените научни и културолошки интеракции меѓу македонскиот и бугарскиот народ за градење пријателство и меѓусебно разбирање и почитување, индиректно активира политички инволвирања во директното негирање на македонскиот народ и на македонскиот јазик, што претставува повреда на меѓународното право за себеидентификување. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.12.2019 - 13:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега