Бајден пристигна во Германија и ќе учествува на самитот на Г7

Бајден во Германија ќе учествува на самитот на Групата седум индустриски развиени земји (Г7) во германскиот град Елмау, на Баварските Алпи.

Посетата Бајден ќе ја отвори со билатерална средба со домаќинот на самитот, германскиот канцелар Олаф Шолц, а потоа ќе има формални и неформални разговори со лидерите на Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и Европската Унија, јавува АП.

Тој и другите лидери на Г7 ќе се обидат да изградат стратегија за обезбедување на енергетски резерви и борба против инфлацијата, со цел да се спречат последиците од конфликтот во Украина.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, изјави дека на самитот ќе бидат разгледани прашања како што се инфлацијата и други „предизвици во глобалната економија кои произлегуваат од војната на Путин“.

Меѓу прашањата за кои ќе се разговара се ограничувањата на цената на енергијата, кои имаат за цел да го намалат профитот на Русија од нафтата и гасот, изјави американската министерка за финансии Џенет Јелен, пренесе американската агенција.

Официјалните лица, исто така, треба да разговараат за тоа како да се однесуваат одговорно во однос на климатските промени, а истовремено да ги задоволат критичните потреби во снабдувањето со енергија.

Се очекува Бајден денеска официјално да започне глобално инфраструктурно партнерство, кое го нарече „Градење подобар свет“, со цел да се спротивстави на влијанието на Кина во земјите во развој.

По Германија, Бајден во вторник ќе отпатува за Мадрид за да се сретне со лидерите на 30 членки на НАТО со цел да ја координира стратегијата за конфликтот во Украина, наведува АП.

26.06.2022 - 10:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа