Азески: Земјоделството и туризмот – надеж за постоковид развој

 Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески денеска повторно јавно го искажа својот став – дека за справување со корона кризата се неопходни конкретни решенија, а не дебати и расправии „истресени од ракав“. Не смееме да седиме со скрстени раце и да чекаме кризата да помине, потенцира Азески и наведува конкретни предлог-решенија. Туризмот и земјоделството, вели, се двата клучни сектора за пост-ковид развој, тие се надеж за домашната економија и ќе имаат важна улога во посткорона периодот.

Според претседателот на Комората, земјоделско-прехранбениот сектор учествува со околу 11 проценти во домашниот БДП, а туризмот и угостителството со многу помалку, под пет проценти. Но, и двете дејности имаат огромен потенцијал за раст и можност за голема додадена вредност. Доколку се спојат, а таков потенцијал постои, успехот и економскиот удел во буџетската каса ќе бидат значително поголеми.

Спојот на агросекторот и туризмот не е непознат за домашните бизнисмени, дополнува Азески. Бизнисот ја препознава можноста за заедничкото функционирање на овие две гранки и знае дека е огромен нивниот извозен потенцијал.

-Туристичко-угостителскиот сектор има потенцијал да биде меѓу најдобрите извозни гранки (во глобалниот БДП учествува со 10 отсто. Секој десетти вработен човек во светот е во туризмот. Оваа дејност врзува над 15 други стопански гранки). Но, за да се реализира тоа потребно е: десет пати зголемување на наменските средства за промоција и за координација на овие сектори, промена на моделот за субвенционирање, со еднаква стимулација за сите превозни средства и со еднаков износ за сите странски туристи и формирање национална туристичка организација, како и донесување нов закон за туризам, подвлекува Азески.

Кризата во земјоделскиот сектор, оценува првиот човек на Комората, ќе предизвика пад од 22 отсто до 40 проценти, а на профитот пад од 40 отсто до 60 проценти иако државата интервенира со сериозни средства за субвенции од 2006 година.

-Тука приоритетите се многу јасни: окрупнување и мелиорација на земјоделското земјиште, промена на методологијата на субвенционирање и унапредување на органското производство и на руралниот развој, посочува Азески и дополнува дека извозниот потенцијал на земјоделско-прехранбениот сектор е во млечната, винарската, месната и во мелничката индустрија.

Тој се осврнува и на прашањето за подготвеноста на администрацијата да ги почне преговорите со ЕУ – дали има капацитет да го спроведе овој процес.

-Не смееме да седиме со скрстени раце и да чекаме кризата да помине. Решенијата мора да се бараат навреме, а еден од клучните фактори што може да го трасира тој пат мора да е реалниот сектор, затоа што со многу примери покажал дека нудел вистински решенија. Словенија, нашиот најголем поддржувач за влез во Европската Унија, е многу сериозен пример дека може да се направи тоа. Пример се и Вања Периќ и Тања Полегубиќ, кои како инвеститори повратници од странство во својата земја, на Хвар во Хрватска, јасно советуваат дека оние кои ќе се вратат назад и кои ќе го направат овој спој мора да се свесни дека ќе бидат одговорни за своите бизниси од самиот почеток, а не да чекаат прво поддршка од државата и од Европската Унија. Институциите ќе помогнат кога ќе видат дејствување и јасно изразена волја за просперитет на своите бизниси.

Азески предупредува да бидат земени предвид укажаувањата на бизнис заедницата за да не се повтори и по 20 години да пишуваме дека имало нудење решенија од реалниот сектор, но дека не биле прифатени.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

10.11.2020 - 10:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега