Двоспратен автобус со српски регистарски таблички, во кој се превезувале 84 патници, рано утрово излетал од автопатот „Тракија“ во Бугарија. Според досегашните информации на белградските медиуми, во инцидентот нема повредени.

Автобусот, во сопственост на туристичката агенција Go2travelling, превезувал српски државјани кои се враќале од одмор во Кушадаси, Турција. Инцидентот се случил околу 5 часот наутро, на околу 150 километри од Софија.

Од засега непознати причини, автобусот излетал од коловозот, ја пробил заштитната ограда и завршил покрај патот.

„Автобусот ја пробил заштитната ограда и излетал покрај патот, но не се превртел“, изјавиле од бугарската полиција за N1.

Според надлежните, сите патници безбедно го напуштиле автобусот. Меѓу патниците имало голем број српски државјани, претежно млади луѓе, кои се враќале од летување во турското летувалиште Кушадаси.

Причините и околностите под кои дошло до излетувањето од патот засега не се познати, а надлежните служби продолжуваат со утврдување на деталите за инцидентот.

Exit mobile version