Австриска министерка ја поддржа „мапата на исламот“: Се бориме против плодна почва за екстремизам

 

Австриската министерка за интеграција Сузана Рааб застана во одбрана на контроверзната „мапа на политичкиот ислам“ објавена на интернет пред неколку дена.

„Ова во никој случај не е општ сомнеж во муслиманите“, изјави Рааб за германскиот весник „Ди Велт“.

„Тоа е со цел заедничка борба против политичкиот ислам како плодна почва за екстремизам“, додаде таа.

Претставници на австриската опозиција и муслимански групи го критикуваа фактот дека мапата ги покажува сите исламски организации, без оглед дали имаат исламистички антидемократски склоности.

„Интерактивната мапа сведочи за очигледна намера на владата да ги обележи сите муслимани како можна опасност“, реагираше Муслиманскиот совет во изјава пренесена од „Франс прес“.

Мапата прикажува 623 муслимански организации, здруженија и џамии и нивните седишта во Австрија и е создадена од Центарот за политички ислам, основан во 2015 година како независен фонд на Република Австрија.

Здружението Муслиманска младина во Австрија во саботата соопшти дека ќе поднесе жалба против онлајн мапата.

Специјалниот претставник на Советот за антисемитски и антимуслимански злосторства од омраза, Даниел Хелтген, изјави дека многу муслимани се чувствуваат стигматизирани и загрозени од објавувањето адреси и други суштински податоци.

„Овој проект, кој ги идентификува муслиманите со исламистите, е во спротивност со политиката за интеграција“, рече портпаролката на партијата Зелени за интеграција, Фаика Ел-Нагаши.

Рааб ги отфрли критиките дека мапата може да ги загрози муслиманските претставници.

„Ако некој рече дека сака да основа муслиманска организација, но не сака тоа да се знае, па дури и да не се знае што прават и кој стои зад таа организација, тогаш тоа точно го покажува проблемот – имено, значи дека претпочитаат да проповедаат во приватни, задни соби“, нагласи министерката.

Таа додаде дека мапата, изработена од експерти, ја покажува локацијата на џамии управувани од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган или екстремистичката група „Сиви волци“, каде што се шири турска националистичка идеологија и антисемитизам.

Макфакс

01.06.2021 - 13:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега