Македонски државјани кои во изминатиот период побарале евакуација од земјите на Блискиот Исток денеска треба да се вратат во земјава со специјален лет организиран од Владата. Летот ќе поаѓа од Ријад, главниот град на Саудиска Арабија.
За евакуацијата се пријавени вкупно 153 патници. Од нив, 96 се наоѓаат во Катар, 33 во Кувајт, 15 во Бахреин и деветмина во Саудиска Арабија.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираа дека, поради тоа што Северна Македонија нема склучено договор за воздушен сообраќај со Кралството Саудиска Арабија, авионот е планирано да слета на аеродромот во Приштина. Оттаму ќе биде организиран копнен превоз за патниците до Скопје.
Целокупната организација на летот, како и сите поврзани трошоци, се покриени од страна на Владата преку Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во понеделникот соопшти дека во тек е координиран процес за евакуација на македонски државјани од повеќе земји на Блискиот Исток, кој се очекува да биде завршен до крајот на неделата.
Вчера, пак, со лет од Дубаи беа евакуирани 150 патници. Меѓу нив имало 125 македонски државјани, 11 државјани на Косово, седум од Србија, по двајца државјани на Босна и Херцеговина и Албанија, како и по еден државјанин на Германија, Ерменија и Црна Гора.
Во Обединетите Арапски Емирати во моментов остануваат околу 200 македонски државјани кои првично се пријавиле за евакуација, но според информациите од Министерството, засега не изразиле подготвеност да ја реализираат.
Претходно, во неделата, на скопскиот аеродром пристигнаа 151 патник со лет на Flydubai од Обединетите Арапски Емирати. Повеќето од нив биле македонски државјани, а меѓу патниците имало и по еден државјанин на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија, двајца од Косово и четворица со холандско државјанство.
На 5 март, пак, со владиниот авион беа евакуирани шест македонски државјани од Израел, кои полетаа од Шарм ел-Шеик во Египет.


