Авион на „Американ ерлајнс“, управуван од регионалниот авиопревозник „СкајВест ерлајнс“, беше принуден да изврши итно слетување во Небраска доцна во вторникот откако пилотите не можеа да стапат во контакт со екипажот и слушнаа тропање на вратата од пилотската кабина, соопшти Федералната администрација за воздухопловство (FAA).
Летот 6469 полетал од аеродромот Епли во Омаха во 18:41 часот по локално време, со дестинација Лос Анџелес. Но, речиси веднаш по полетувањето, пилотите одлучиле да го прекинат летот и да се вратат, а авионот повторно слетал само 18 минути подоцна, според FlightAware.
„По слетувањето, беше утврдено дека има проблем со интерфонскиот комуникациски систем, што предизвика екипажот во кабината да затропа на вратата од пилотската кабина“, се вели во соопштението на ФАА.