Генерал-потполковник Фанил Сарваров (56), началник на Дирекцијата за оперативна обука на рускиот Генералштаб, утрово го загуби животот откако неговиот автомобил „Киа Соренто“ беше разнесен во јужниот дел на Москва. Експлозијата се случила околу 7 часот наутро во областа Јасенево, веднаш откако генералот го напуштил паркингот пред својот дом.
Иако Сарваров бил извлечен жив од возилото по сложена операција на спасувачите, тој им подлегнал на тешките повреди на пат кон болница. Според официјалните медицински извештаи, генералот претрпел повеќекратни рани од шрапнели и фрактури на коските.
Рускиот Истражен комитет веќе покрена кривична постапка за убиство.
„Истражителите разгледуваат неколку верзии за убиството, а една од нив е дека злосторството било организирано од страна на украинските специјални служби“, соопшти портпаролката Светлана Петренко.

