Атанасов од АХВ: Граѓаните кои се сомневаат дека имаат труење со храна веднаш да пријават, за да се излезе на терен и да се земат примероци

Високите температури за време на летниот период носат опасност од труење со храна, каков што беше случајот минатата недека со една скопска сендвичара. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ објаснува зошто е важно веднаш да се пријави во Агенцијата, доколку постои сомнеж за евентуално труење со храна.

-Уште во понеделникот, кога до Агенцијата беше доставена претставка, излеговме на терен, и земавме примероци за утврдување на причинителот за труењето. За истиот случај, во петокот преку Центарот за јавно здравје добивме известување дека има епидемиолошка карта, со која се согласува дека три лица се пријавиле со сомнеж за труење со храна. Постапката е во тек, резултатите ги очекуваме денеска, по што ќе соопштиме дали изворот на зараза е храната или нешто друго, рече Атанасов, и нагласи дека не се согласува со обвинувањата дека не било веднаш реагирано.

-Ние дојавата ја добивме во понеделникот и веднаш излеговме на терен. И во петокот, само што ја добивме дојавата, за еден саат бевме пред објектот, вели Атанасов.

Тој ги повика граѓаните, доколку имаат сомнеж за труење со храна, веднаш да пријават во АХВ.

– Граѓаните кои се сомневаат дека имаат труење со храна, веднаш да пријават на бесплатниот број 0800 3 22 22, за да може веднаш да се излезе на терен, и да се земат примероци за анализа, додека се таму сомнителните состојки, за да може да се утврди дали причинител за труењето е храната, објаснува Атанасов.

Тој ги советуваше граѓаните во летниот период да пазарат во објекти кои имаат добра репутација, односно кои се одобрени и регистрирани од страна на Агенцијата.

-При пазарење треба да се внимава храната да нема сменето изглед и мирис. Да се внимава амбалажата да не е нагмечена и искината и да се провери рокот на траење. Млеко, месо и јајца да се купуваат на крајот од пазарењето, да не се оставаат во автомобил и веднаш да се приготват. Да се мијат раце пред почеток на готвењето. Свежата и сировата храна треба да се чува на повисоките рафтови во фрижидерот, додека подготвената, на пониските рафтови од фрижидер. Во сендвичари да не се користат мајонези и други намази, нагласува Атанасов.

За да се избегне труење до храна, но и ширење на Ковид 19, Атанасов препорачува задолжително носење маски и ракавици, како за време на подготовка, така и за време на послужување ба храната.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

07.07.2020 - 11:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа