АСОМ: Ќе ги преземеме сите мерки спорниот Закон за игрите на среќа да не се донесе

Бришење на физичката дистанца од 500 метри од училиште од измените на Законот за игри на среќа, сведување на  давачките на разумно ниво со цел економска исплатливост за приредувачите и носење на европски закон, бара Асоцијацијата на спортски обложувалници.

Претседателот на АСОМ, Васко Илијевски на денешната прес-конференција рече дека доколку владата не ги повлече законските измени ќе се затвори легалното обложување, а на улица ќе останат 8.000 вработени. Тој најави и протести со кои ќе се обидат да го спречат донесувањето на законот во Собранието.

– Дистанцата од 500 метри е целосно неприфатлива и непреговорлива. Понатаму, сведување на давачките на разумно ниво со цел економска исплатливост за приредувачите. Предложените давачки се целосно нелогични и високи. Да потсетиме, во моментов во Македонија приредувачите на игрите на среќа плаќаат највисоки давачки во Европа кои Владата сака уште повеќе да ги зголеми – рече Илијевски.

Илијевски изрази сомневање дека зад овој предлог, де факто, стои интерес за целосна забрана на легалното обложување и затворање на објектите, но можеби и други скриени интереси.

– Она што сигурно не е целта на ваквиот предлог е унапредување на индустријата, заштита на играчите или пак зголемување на приходите во буџетот. Ваквиот предлог закон тоа нема да го постигне бидејќи ќе се затворат објектите, даноците ќе ги нема, а буџетот ќе изгуби над 250 милиони евра по сите основи, со кои игрите на среќа придонесуваат во државниот буџет. Без задршка кажуваме дека ова е убиствен предлог кој ќе ја клекне економијата на колена. Само за илустрација, од оваа гранка директно и индиректно имаат редовни примања 54.000 луѓе. Цели семејства ќе останат без приходи. Ваквиот закон директно ќе ја зголеми младинската невработеност и ќе остави без перспектива многу млади луѓе  – додаде Илијевски.

Според него, Законот е целосно контрадикторен, економски неиздржан и очигледно е дека е правен без соодветни економски анализи на импликациите од него.

– Од целиот предлог закон, единствено го поздравуваме предлогот за он-лајн обложување кој е прифатлив, но само доколку и останатите аспекти на овој спорен закон се прилагодат и променат согласно европските закони и пракси – рече Илијевски.

Тој смета дека со овој закон, Валдата свесно или несвесно ќе отвори пат за црн пазар, диви обложувалници, небезбедно играње и сива економија.

-Од денес натаму започнуваме многу посилно да делуваме до конечно носење на европски, ефикасен и добро осмислен закон кој ќе биде во интерес на играчите, индустријата и буџетот на земјата. Таков закон може да се направи многу лесно и од истиот да имаат придобивка сите, но за тоа треба искрена волја која во мометов отсуствува кај Владата – рече Илијевски.

Од АСОМ посочија дека до Владата многу пати се доставени конкретни предлози за разумно покачување на даноците, заштита на играчите, зголемување на казните и низа други измени со кои може да се унапреди Законот за игрите на среќа и побараа итно да бидат земени во превид овие предлози кои се изработени по европски терк и докажано ефикасни модели на регулација.

-Ние како Асоцијација сме подготвени самите да се до-регулираме што ја потврдува нашата професионалност и сериозност во работењето, како и целосниот интерес за добра правна регулатива. Но, никогаш нема да прифатиме паушално изработени закони кои немаат никаква економска оправданост, а очигледно се носат за други цели. Бараме јавна дебата со претставниците на Владата кои го предлагаат овој спорен закон, а кои никогаш не излегуваат во јавност да го образложат овој предлог и да се соочат со претставници од нашата индустрија. Доста е веќе од молчење, бараме јавна комуникација и дебата, па да оценат и јавноста и медиумите што точно се случува – рече Илијевски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.04.2021 - 14:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа