Арсовски: Пандемијата не е завршена и сѐ тоа е вина на СДСМ и Владата

ВМРО-ДПМНЕ бараше кризна па вонредна состојба бидејќи ја разбиравме сериозноста на пандемијата која што за жал и сега не е завршена и сѐ тоа е вина на СДСМ и старо-новата Влада, изјави денеска портпаролот на опозициската партија, Димче Арсовски, коментирајќи го обвинувањето од премиерот Зоран Заев дека се деструктивни бидејќи нема да гласаат за вонредните состојби.

„Иако беше воведена вонредна состојба за справување со ковид пандемијата, таа вонредна состојба беше искористена единствено за личен интерес и за полнење на џебовите на одредени функционери од  СДСМ и од владата, вклучително и Зоран Заев. Во најголемиот тек на пандемија кога сите апелираа, и политичките партии и опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните, но и сите останати фирми, компании, да се работи во насока на справување со економската и здравствената криза која што ни следеше, Зоран Заев со неговиот тим, со неговата свита, трошеа непродуктивно пари, пари на граѓаните. Во  целиот тој период потрошена е една милијарда евра. Најголемиот број од тендерите беа во 4 очи и она што е најапсурдно, во време кога им беа потребни на стопанството и на граѓаните, беа трошени пари за набавка на шкампи, морски плодови за функционерите за СДСМ во владата вклучително беа поделени и околу половина милион евра на невладини организации во предизборен период“, изјави Арсовски.

Вонредната состојба, како што рече, наместо за справување со ковид-19 пандемијата, била искористена за богатење и личен интерес на одредени функционери на СДСМ и владата.

„Да беа искористени вонредните состојби за справување со пандемијата, односно на здравствената и економската криза, ние сега веќе ќе немавме пандемија во Република Македонија и ќе немавме проблем со корона кризата. Но, за жал сега уште повеќе пандемијата е навлезена во државата, уште повеќе зема замав и за жал сѐ повеќе се видливи економските последици кај граѓаните и кај фирмите.

Зоран Заев додека вели дека душата го боли што останале голем број на луѓе без примања и без работа во корона пандемијата, сето тоа е лицемерно и тоа не е така, бидејќи граѓаните гледаат сѐ и не можат веќе да бидат прелажани и изманипулирани дека таа вонредна состојба нему му беше единствено важна парите од набавките да завршат како непродуктивни трошоци и наместени тендери во нивните џебови“, рече Арсовски.

Тој не одговори конкретно на прашањето кога може да се очекува конечната одлука за импичмент на претседателот Стево Пендаровски и кажа дека се разгледуваат сите можности и на телата и органите во партијата ќе бидат разгледани сите опции.

„Ние одамна кажавме дека Пендаровски е соучесник на мафијата на Заев. За жал оваа мафија функционира во оваа држава Република Македонија многу подобро и од најдобрите времиња кога функционирала најголемата мафија во светот Коза ностра“, додаде Арсовски на денешната прес-конференција.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

01.10.2020 - 14:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа