Арсовска: Сакаме да ги прекинеме сите ненаменски трошења

 Градоначалникот на Скопје, Данела Арсовска денеска изјави дека сред енергетска криза треба да се почне со штедење на средствата на скопјани, а парите да се трошат наменски и на приоритети.

Одговарајќи на новинарско прашање за раскинатиот договор за новогодишно украсување на главниот град, Арсовска рече дека наишле на голем број предизвици кои, како што рече, неопходно е да се разрешат во првите 100 дена од почетокот мандатот.

– Сакаме да ги прекинеме сите ненаменски или пак сите трошења кои не се соодветни, односно кои граѓаните сметаат дека не треба да се прават, а до овој момент биле правени од буџетските средства кои се на граѓаните на Град Скопје. Верувам дека ова е едно од тие трошења, особено кога сме соочени со прогласување енергетска криза од Владата, а се соочуваме и со соодветни рестрикции, според изјавите на министерот за економија, дека е неопходно да ги преземеме сите чекори кои се возможни, прво да ги зачуваме и домаќински да работиме со средствата на скопјани, а понатаму да го слушаме и нивниот глас, рече Арсовска, додавајќи дека се работи за договор кој бил склучен пред почетокот на нејзиниот мандат.

Прашана за бесплатниот јавен превоз, Арсовска рече дека се гледаат буџетите, тековните работи и не смее да има штета за ниту еден граѓанин кој живее тука. Таа посочи дека ќе придонесат работите да се менаџираат квалитетно, а понатаму да се реализираат ветените проекти.

– За минусот треба да постои соодветна одговорност и ние сме со намера да се испита зошто се состојбите такви, какви што се. Неопходно е да се изврши соодветна ревизија, да се види зошто овие претпријатија кои би требало да бидат доходовни се доведени во состојба на загубари. Во ниту еден случај не смее да се дзоволи било кое јавно претпријатие кое извршува дејност во интерес на граѓаните да биде загубар, рече Арсовска.

Според неа, првично треба да се најде начин да се санира состојбата, а потоа како Градот да ги помогне процесите и да им се овозможат ветените проекти на скопјани.

Арсовска најави дека во текот на утрешниот ден ќе има средба со медиумите на која ќе се разговара за сите теми кои се однесуваат на работењето на Градот.

10.11.2021 - 15:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега