Арсовска: Овој ден нѐ потсетува дека не треба да престанеме да се бориме за промени

Независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, на денешната прес-конференција упати честитки за денешниот празник и истакна дека овој ден е гордост и не потсетува дека не треба да престанеме да се бориме за промени, за подобар, транспарентен град, посветен на сите скопјани.

– Дозволете ми најпрво да ви честитам денешниот празник, 11 Октомври Денот кога започна востанието против фашистичкиот окупатор, за ослободување на Македонија. Овој ден е гордост за нас и не потсетува дека никогаш не треба да престанеме да се бориме за она коешто сметаме дека е вистинското и за она кое веруваме дека треба да го правиме, посочи таа.

Арсовска рече дека целта секогаш треба да биде борба за подобро, за подобар град, за подобри услови во земјава и испрати порака дека треба заедно да се бориме за сите граѓани.

– На мојата интернет страница веќе се имаат пријавено стотици граѓани коишто сметаа дека треба да бидат дел од ова движење за промени за Скопје и Македонија, кои даваат свои идеи како до подобар град и мислења за тоа како Скопје да биде град со кој ќе се гордееме, ова ми дава дополнителен мотив да се борам повеќе затоа што вие чувствувате голема потреба за промени, а вашиот глас треба да се чуе, рече Арсовска.

Изрази благодарност до сугестиите и идеите кои граѓаните и ги доставуваат секојдневно, а на ист начин, како што рече, Градот Скопје ќе биде отворен со 24 часовна канцеларија која ќе биде во служба на граѓаните, каде ќе можат даваат свои сугестии, а градот ќе има прилика да ги чуе бараните проекти, а ќе се оддели и посебен буџет за остварување на добрите проекти предложени од граѓаните.

– Ќе воведеме повеќе иницијативи, преку веб страната, преку апликациите, но и преку социјалните медиуми каде граѓаните ќе имаат можност за брза и директна комуникација со градот, но и директни средби преку кои ќе можат да ги искажат сите свои мислења, градот мора да биде достапен за сите, а не за лични интереси и политички кариери, но и со добро менаџирање состојбата во градот ќе биде значително подобрена, вели Арсовска.

Таа истакна дека досегашниот градоначалник во десетина населби низ Скопје никогаш не се појавил, а ниту пак некој од градската администрација.

– Грешка е на овој градоначалник кој ако мисли дека со црна кампања ќе може да си ја покрие личната неспособност и слабите резултати и не само тој туку и секој оној политичар кому политичката кариера му е поважна од работата за која добил доверба од граѓаните, вели Арсовска.

Таа посочи дека на скопјани им е доста од ароганција и неодговорност, а на Скопје му е потребен поинаков концепт и способни луѓе кои ќе го реализираат она коешто ќе го ветат, а ќе ги подобрат оние нешта кои се нефункционални, за подобро и модерно Скопје.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со финансирањето на јавниот превоз, Арсовска посочи дека ако се погледне финансиската состојба на јавното претпријатие тоа е во загуба во последните шест месеци за 139 милиони денари.

– Таму гледаме бројни непродуктивни трошења, а од друга страна и јавното претпријатие и градот Скопје се задолжени, имаме задолжување зголемено за две години од половина милијарда, што е скок за цела милијарда од претходното задолжување, па треба да се внимава како се трошат парите на граѓаните, за да бидат вратени кај нив како добробит, рече Арсовска.

Во однос на јавниот бесплатен превоз, рече дека таа зелена трансформација за која се достапни многу фондови, а постојат многу концепти како истото функционира во европските градови, а може да се направи и во Скопје да функционира, брзо и сигурно, без грешки и чекање.

– Овој проект којшто го видовме сега со којшто некој сака да раскажува дека е нешто кое ќе го реализира, очигледно дека се потсмева со интелигенцијата на скопјани затоа што не го објаснува добро и не ги кажува импликациите кои може да настанат, со реализација на овој проект ќе изгубат директно во прва фаза 70 милиони од своите средства, рече Арсовска

11.10.2021 - 14:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа