Арсовска најави изградба на јужен коридор за ефикасно поврзување на Кисела Вода и Центар

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска заедно со кандидатот за градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, вечерва се сретнаа со жителите на општина Кисела Вода, во паркот на Бранители во Драчево.

„Градот долго време стагнира, обвиен е во сивило и има суштински недостатоци -ова се сериозни проблеми кои што само со правилно менаџирање и чесно работење може да се надминљт. Мора да се планираат и реализираат брзи и сигурни проекти што ќе го направат Скопје подобро место за живеење, град каков што заслужуваме сите ние“, изјави Арсовска, додавајќи дека многу работи нема во Скопје. „Нема чисти и навремени автобуси. Нема проодни булевари и придружно зеленило. Нема поврзани велосипедски патеки. Нема спортски настани. Нема нови паркови, туку диви депонии на секој чекор. Нема решение за кучињата – скитници. Нема култура и фестивали. Нема ништо ново. Градот ни живее во стагнација, уназадување и тоа нѐ разочарува сите“ - истакна Арсовска

 

Пред граѓаните на општината таа промовираше и дел од своите проекти предвидени во програмата. Првите два од 15+1 проекти, за кои верува дека ќе го претворат главниот град во европска метропола со сообраќаен ред, брз и ефикасен јавен превоз без километарски колони, а во исто време ќе ја подобрат и ситуацијата со загадениот воздух. Проекти за кои постојат брзи и изводливи решенија.

 

 Kандидатката за градоначалник Данела Арсовска, во своето обраќање кон присутните, конкретно за Кисела Вода се обврза на неколку големи потфати.

 

 „Ќе изградиме јужен коридор – што ќе значи брзо и ефикасно поврзување на Кисела Вода со Центар – преку подземна сообраќајница, кружен тек и нови булеварски решенија. Потоа, ќе изградиме нов објект на средното училиште Браќа Миладиновци во Драчево, затоа што средношколците заслужуваат да учат во модерно, дигитализирано, напредно и отворено училиште. Се обврзуваме и на нова противпожарна станица во општина Кисела Вода со капацитет за пет противпожарни возила. Во програмата предвидуваме и нови велосипедски патеки кои ќе се протегаат од Драчево преку Кисела Вода кон Центар, нови автобуски линии и нови автобуски станици на постоечките автобуски линии, чистење на дивите депонии, решавање на Усјанскиот канал, нови паркови и зелени површини во Кисела Вода, паркиралишта, сообраќајни решенија кои ќе значат лесен и брз пристап, запирање на дивата урбанизација, субвенции за велосипеди и електрични тротинети - практично нов паметен систем на функционирање на Скопје“, заклучи Арсовска.

 

 На самиот крај, таа ги повика сите кои го сакаат Скопје колку што го сака и самата, да ѝ ја дадат својата поддршка на локалните избори за градоначалник на главниот град на 17 октомври, и заедно да го направат Скопје - повторно убав, чист и модерен град на среќни луѓе.

29.09.2021 - 22:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега