Припадниците на Српската армија, на барање на локалните власти, започнаа со обезбедување помош во водоснабдувањето на домаќинствата на териториите на Бујановац, Велико Градиште и Крушевац, поради долготрајната суша.
Воените тимови со цистерни првенствено надополнуваат бунари и резервоари за вода за домаќинствата и за напојување на добитокот во Доње Ново Село кај Бујановац, Велики Шиљеговац кај Крушевац и во местото Рама кај Велико Градиште.
Ангажманот со цистерни ќе трае сè до стабилизирање на хидролошките услови во овие региони.
Покрај водоснабдувањето, инженериските единици се грижат за одржувањето на понтонските мостови над Велика Морава кај Свилајнац и над Дунав во Земун.
Истовремено, воено-медицински тимови ја спроведуваат кампањата „Воен лекар во селото“ како поддршка на здравствениот систем.
По учеството во гаснењето на пожарот во Делиблато Песоците, воените сили се ставени во состојба на готовност за евентуално повторно разгорување на огнената стихија.
Од воените служби порачуваат дека армијата останува подготвена да помогне со сите ресурси во услови кога екстремните температури предизвикуваат природни непогоди.


