Државниот архив на Република Северна Македонија од денеска ја одбележува Архивската недела под мотото „Отворени за светот: Архивите како активна сила за правдата, меморијата и иднината“, во пресрет на 9 јуни – Меѓународниот ден на архивите.

Овој ден се одбележува во чест на основањето на Меѓународниот совет на архивите (ICA) во 1948 година, под покровителство на УНЕСКО, а годинешната тема ја нагласува улогата на архивите како значаен општествен фактор во зачувувањето на колективната меморија и заштитата на граѓанските права.

Во рамки на Архивската недела, која ќе трае до 12 јуни, Државниот архив организира повеќе настани за промоција на архивското наследство и неговата достапност за јавноста. Од институцијата посочуваат дека архивите не се само чувари на минатото, туку и активни чинители во развојот на современото општество.

Како дел од програмата, утре во 12 часот во Музејот на тетовскиот крај во Тетово ќе биде промовирана книга и изложба посветени на османлискиот период во Македонија. На 10 јуни, во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово ќе се одржи промоција на јубилејното издание „Државниот архив – столб на македонското битие“, проследена со изложба по повод јубилејот на институцијата.

Exit mobile version