Апасиев: Левица не е мала партија- според рејтингот сме изедначени со ДУИ

Лидерот на Левица во Тема на денот на ТВ Сител рече дека Левица според рејтингот е веќе изедначена со ДУИ, така што тој смета дека Левица веќе не е мала партија.

- Не се согласувам со тоа дека Левица е мала партија, ние веќе според рејтингот сме изедначени со ДУИ така што нашето барање беше да има една изборна единица. Меѓутоа, тоа не е прифатливо ниту за СДСМ, ниту за ДПМНЕ, ниту за албанските партии. Меѓутоа, тој услов еве јавно кажувам ќе биде услов за наредна Влада. Уште во првите 100 дена Левица кога ќе учествува после падот на овој хибриден режим услов ќе биде една изборна единица, бидејќи Левица историски гледано е најоштетена партија, значи 3 пратеника нас ни се украдени со овој изборен модел кој ја фалсификува волјата на народот, рече Апасиев.

Тој вели дека и пред очите на јавноста и зад затворени врати во Собранието баш се одвива војна.

- Има една изрека „Војна на секој против секого“ во случајов не е така туку војна на сите против Левица, бидејќи и ДПМНЕ учествува во таа кампања. Гледате дека најголемите зулуми не поминуваат без учество на ДПМНЕ од пописот, до она што го ветираше Пендаровски, Законот за дивоградби беше договорен, овој за автопатот исто така договорен. Значи, сите овие големи скандали не поминуваат без колаборација на ДПМНЕ и единствени кои го креваат гласот внатре се пратениците на Левица, затоа на сите сме им трн во окото и затоа сите оружја се вперени кон Левица, додава Апасиев.

На прашање каде Левица ќе има кандидати за градоначалници лидерот на партијата Левица, Димитар Апасиев вели дека ќе имаат некаде и дека веќе им пристигнуваат СиВи-ја и се извршуваат разговори, но бројот на градоначалници ќе биде драстично помал отколку советнички листи.

- Кандидатите ги бираме првенствено преку локалните ограноци. Значи, со пријава на интерес и потоа доаѓаат на интервју пред президиум и така одлучуваме. Президиумот кај нас е главниот егзекутивен орган кој ги води политиките практично, вели Апасиев за начинот на кој ги бираат кандидатите за градоначалници на Левица за претстојните избори.

27.07.2021 - 21:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега