Анкета: Мнозинството Израелци не веруваат во „целосна победа“ во Газа

Мнозинството Израелци не веруваат во „целосна победа“ на израелската армија против палестинското исламистичко движење „Хамас“ во Појасот Газа, покажа денеска објавена анкета, пренесе БТА.

Во последните денови, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху постојано изјавува дека бара „целосна“ или „апсолутна“ победа над Хамас додека израелските сили водат борби во Кан Јунис и се подготвуваат за офанзива против Рафа, град во јужниот дел на територијата каде се концентрирани повеќе од 1,4 милиони Палестинци.

Според истражувањето на Израелскиот институт за демократија (ИДИ) – тинк-тенк со седиште во Ерусалим – само 38,3 проценти од Израелците сметаат дека оваа победа е „многу“ или „умерено“ веројатна, а 55,3 отсто ја сметаат за „не многу“ или „многу неверојатна“. Околу 6,4 проценти од испитаниците не се изјасниле.

– Нашата цел е едноставна: победа. Само победата против Хамас ќе ни овозможи да постигнеме нормализација и регионална интеграција, изјави денеска израелскиот министер за одбрана Јоав Галант.

На маргините на разговорите за прекин на огнот предводени од Катар, Египет и САД, регионалните и западните земји разговараат за поширок повоен план за Газа, кој би вклучувал создавање независна палестинска држава и нормализација на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија.

И покрај тоа, мнозинството од 612-те анкетирани од ИДИ (55,4 проценти) се против Израел да прифати создавање на „независна и демилитаризирана“ палестинска држава, а околу 37 отсто веруваат дека „ќе има уште поголем тероризам“ доколку се создаде таква земја, според податоците од истражувањето спроведено меѓу 12 и 15 февруари.

21.02.2024 - 18:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега