Турција издаде налози за апсење за израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху и уште 36 други лица, поради нивната наводна улога во „геноцид“ во палестинската област Газа, јави ТРТ.
Главното јавно обвинителство во Истанбул соопшти дека налозите се издадени по обемна истрага за „систематските напади на Израел врз цивили во Газа“, оценети како геноцид и злосторства против човештвото.
Истрагата започнала по пријави поднесени од жртви и претставници на Глобалната флотила „Сумуд“, хуманитарна мисија што била пресретната од израелските поморски сили додека се обидувала да достави помош во Газа.
Според обвинителството, доказите од жртви, очевидци и меѓународно право укажуваат дека израелските воени и политички лидери биле директно одговорни за напади врз болници, конвои со помош и цивилна инфраструктура.
Во документот се наведуваат неколку случаи, меѓу кои убиството на шестгодишната Хинд Раџаб, бомбардирањето на болницата ал-Ахли со над 500 жртви и нападот врз Турско-палестинската болница за пријателство.
Обвинителството наведува дека блокадата на Газа од страна на Израел намерно спречила пристап на хуманитарна помош, што претставува дополнителен воен злостор според меѓународното право.
Меѓу осомничените, покрај Нетанјаху, се министерот за одбрана Израел Кац, министерот за национална безбедност Итмар Бен-Гвир, началникот на Генералштабот Херци Халеви и командантот на морнарицата Давид Саар Салама.
Бидејќи сите осомничени се надвор од Турција, обвинителството побара од судот да издаде интернационални налози за апсење (црвени налози) за нивно притворање и екстрадиција.
Истрагата се спроведува во соработка со Истанбулската полиција и турската разузнавачка служба (МИТ) и сè уште е во тек.
Во соопштението се нагласува дека постапката се заснова на меѓународното хуманитарно право и Конвенцијата на ОН за морското право, со цел да се обезбеди одговорност за воени злосторства и правда за жртвите во Газа.
Во ноември минатата година, Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налози за апсење за Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант, а Израел се соочува и со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.

