Чистење на една локација од мирни и познати кучиња, со сигурност отвора простор за прилив на нови, нестерилизирани, непознати на локалното население кучиња!
Нè контактираат загрижени граѓани од Прилеп кои ги бараат своите маалски миленици. Децата плачат по кучињата со кои растеле, а нивните родители немаат одговор што да им кажат – кучињата ги нема, а никој не им кажува каде се, стои во реакцијата на Анима Мунди.
Тие не се предмети, туку живи суштества способни да чувствуваат страв, болка и страдање и имаат право на хуман и законски третман.
Лиска е мирно и социјализирано куче, сакано и чувано од граѓаните во населбата Точила. Според информациите и сведоштвата што ги добивме, Лиска била заловена на 17 септември 2026 година. Веднаш по заловувањето, граѓани отишле во прифатилиштето со намера официјално да ја вдомат, но Лиска не била таму.
Уште позагрижувачки е што, според граѓаните кои лично биле во прифатилиштето, кафезите биле празни, иако во претходните денови било забележано заловување кучиња во Прилеп.
Каде се кучињата? Кој ги заловувал и каде се однесени?
Ги повикуваме сите граѓани кои биле сведоци на заловување или транспорт на кучиња во Прилеп во текот на септември, а особено на 17 септември, да нè контактираат на anima.mundi.sk.mk@gmail.com. Доколку поседуваат фотографии, снимки од надзорни камери, видеозаписи или други информации, ги повикуваме да ни ги достават.
Веќе имаме сведоци кои ни се обратија, но потребни ни се повеќе. Ги охрабруваме граѓаните да не молчат – секое сведоштво, фотографија или снимка може да биде важна за да се утврди што точно се случувало и каде се однесени кучињата. Идентитетот на лицата кои ќе ни достават информации нема јавно да го објавуваме без нивна согласност.
ЈКП „Комуналец“ – Прилеп мора да даде одговори
Од ЈКП „Комуналец“ – Прилеп побаравме официјални информации и документација за активностите поврзани со заловување и транспорт на кучиња во периодот од 1 до 23 септември 2026 година, вклучително и евиденции за заловените кучиња, локациите и геокоординатите на заловување, приемот во прифатилиштето, ветеринарниот третман, вдомувањето, враќањето на терен или друг исход.
Посебно бараме информации за Лиска, Душко, Светле, Симба, Белка, Поко, Ноли и Шарка, како и одговор каде се наоѓаат овие кучиња денес.
Секое куче со кое се постапува во рамките на системот за контрола на популацијата мора да биде третирано согласно Законот за заштита и благосостојба на животните и подзаконските прописи. Кучињата не можат едноставно да исчезнат без евиденција за тоа каде се однесени и што се случило со нив.
Добивме информации дека дел од исчезнатите кучиња веќе биле стерилизирани и имале ушни маркици, а за некои добиваме информации дека се сопственички. Бараме надлежните институции да ги проверат и овие информации.
Од АХВ бараме целосно расчистување на случајот
Во меѓувреме добивме информација дека Агенцијата за храна и ветеринарство веќе извршила вонреден инспекциски надзор, поради што официјално побаравме пристап до записникот и целокупната документација од извршениот надзор.
Потсетуваме дека при претходен вонреден инспекциски надзор во 2025 година биле констатирани неправилности во работењето, биле наложени мерки за нивно отстранување и биле издадени прекршочни платни налози.
Бараме АХВ темелно да ги провери сите расположливи службени евиденции и документација и да утврди дали кучињата биле заловени, кој ги заловил, дали и кога биле примени во прифатилиштето, каде биле транспортирани и каков бил нивниот конечен исход.
Доколку се утврдат прекршувања на законските обврски, бараме да бидат преземени соодветни мерки и санкции кон одговорните лица.
Побаравме официјални информации и од МВР
До нас стигнаа информации дека при дел од активностите поврзани со заловувањето на кучињата биле присутни и полициски службеници.
Поради тоа, до Министерството за внатрешни работи поднесовме барање за пристап до информации од јавен карактер со кое бараме да утврдиме дали полицијата била службено ангажирана при заловување и/или транспорт на кучиња во Прилеп во периодот од 1 до 23 септември, а особено на 17 септември 2026 година, по чие барање била ангажирана, кому му асистирала и каква службена документација постои за тоа постапување.
Очекуваме институциите да дадат јасни, официјални и проверливи одговори.
Градоначалникот и Општина Прилеп мора да одговорат
Од градоначалникот на Прилеп и од Општина Прилеп бараме јавно да одговорат дали се запознаени со заловувањето на кучињата, кој го организирал и спроведувал, каде се однесени кучињата и каде денес се Лиска, Душко, Светле, Симба, Белка, Поко, Ноли, Шарка и останатите исчезнати кучиња.
Граѓаните на Прилеп имаат право да знаат што се случува со животните за кои со години се грижат.
Нема да прифатиме десетици кучиња едноставно да исчезнат од улиците без одговор каде се однесени и што се случило со нив. Бараме целосно утврдување на фактите, транспарентност во постапувањето и одговорност доколку се утврди незаконско постапување.
Кучињата не се предмети. Нивната судбина не може да биде тајна, велат од Анима Мунди.


