Анѓушев, Адеми и Царовска: Владата спроведува реформи во сите сфери вклучително и во унапредување на образовниот процес

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и министерот за образование и наука Арбер Адеми, на вториот ден од работната посета во Берн, поврзана со швајцарските искуства за стручно образование и обука, остварија посета на Универзитетот за применети науки и се сретнаа со  менаџментот на училиштето за обука и тренинг за потребите на индустрија.

Владината делегација, како што информираат од Кабинетот на вицепремиерот Анѓушев, ја завршила посетата на Швајцарија со средба со државната секретарка за образование, истражување и иновации Мартина Хирајама со која разговарале за можностите за понатамошна соработка во насока на поддршка за имплементација на дуалното образование во образовниот систем во Северна Македонија.

– Владата на Република Северна Македонија спроведува реформи во сите сфери вклучително и во унапредување на образовниот процес. Тоа е наша обврска, не само за исполнување на критериумите во ЕУ и НАТО, туку и должност кон нашите граѓани за подобар живот на сите. Модел на дуално образование, кој во моментот се спроведува како пилот проект, тежнееме да го имплементираме во стручното средно образование, за да креираме добро обучени и професионални кадри за потребите на индустријата, но и да обезбедиме квалитетни, добро платени работни места за младите луѓе, потенцирал вицепремиерот Анѓушев.

Министерот за образование нагласил дека образованието е клучна карика во развојот на личноста и посочил дека Владата вложува труд и посветено работи на унапредување на образованието во сите степени.

– Инвестираме многу време, средства и напори за унапредување на сите сфери во образованиот процес и на тој начин вложуваме во нашата иднина. Целта ни е да направиме квалитетно образование почнувајќи од основното па до високото образование, учениците да стекнуваат вистински вредности, но и знаења и вештини кои ќе им користат подоцна во животот. Образовниот процес особено во средното образование мора да претпри измени, пред се со зголемување на практичната работа за време на школувањето, нагласил Адеми.

Царовска, се заблагодарила за драгоцената размена на искуства во развојот на социјалните услуги како поддршка на имплементација на социјалната реформа.

– Токму со реформата работиме на намалување на детската сиромаштијата и со детскиот и образовниот додаток им овозможуваме на децата да имаат еднаков старт во животот. Нашата цел е што повеќе деца да се вклучат во предучилишно образование, затоа што раниот детски развој е основата за понатамошниот образовен процес. Силно вложуваме во градинките и ги јакнеме нивните капацитети, а со тоа вложуваме и во иднината на државата, истакнала Царовска

Државниот секретар за образование и иновации Мартина Хирајама ја нагласила волјата на швајцарската Влада за поддршка на реформите што се спроведуваат во Република Северна Македонија, при што нагласила дека двете земји имаат одлична соработка и оти таа ќе продолжи да се развива во позитивна насока. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

19.09.2019 - 18:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега