Ангеловска-Бежоска: Банкарскиот систем е здрав и може да се справи со шоковите

Банкарскиот систем останува здрав и стабилен и има капацитет да се справи со шоковите што ги предизвикува состојбата со коронавирусот. Последните расположливи податоци, кои датираат од почетокот на оваа година, потврдуваат висока капитализираност, висока ликвидност и висок квалитет на активата со која располага системот, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

-Адекватноста на капиталот е околу 17 проценти – ниво коешто е повисоко од 2008 година кога економијата се соочи со голем шок. Учеството на ликвидната во вкупната актива е 27проценти, што исто така е повисоко во споредба со периодот пред глобалната економска криза. Квалитетот на активата на банките, којшто е значајна детерминанта на кредитната активност, е многу солиден. Тоа јасно се согледува преку нивото на нефункционални кредити коешто во моментот е околу 4,8 отсто од вкупните кредитни изложености. Сето ова укажува дека нашиот банкарски систем има солиден капацитет со кој може да ја испорача потребната поддршка за населението и корпоративниот сектор, истакна Ангеловска-Бежоска во интервју за телевизијата 24.

Во интервјуто, гувернерката говореше и за мерките што во текот на изминатите недели ги презеде Народната банка, при што одделно се задржа и на регулаторните измени со кои се овозможува олеснување на финансискиот товар на кредитокорисниците. Како што посочи, пред да бидат донесени измените, беа спроведени и бројни анализи и стрес-тестови, за детално да се процени капацитетот на банкарскиот систем.

-Истовремено се води грижа за одржувањето на финансиската стабилност и за овозможување поддршка на корпоративниот сектор и на населението, рече Ангеловска-Бежоска.

Со намалувањето на каматната стапка на благајничките записи, како што нагласи, дополнително се олеснуваат финансиските услови под кои кредитите се одобруваат и на претпријатијата, и на населението.

-Во насока на поддршка на кредитната активност е и активирањето на нестандардната мерка насочена кон секторите од македонската економија што ќе бидат најпогодени од корона-кризата – кредитирањето на овие сектори го стимулираме со тоа што износот на кредитите ќе биде одбиен од основицата за пресметување на задолжителната резерва на банките, напомена гувернерката.

Во интервјуто, Ангеловска-Бежоска потсети дека денарот е и ќе остане стабилен и дека нема да има промени на нивото на неговиот девизен курс.

-Монетарната стратегија на одржување фиксен курс на домашната валута во однос на еврото е оптимална за нашата економија и токму девизниот курс овозможува одржување ниска и стабилна инфлација во нашата економија, а со тоа и испорачување макроекономска и финансиска стабилност, посочи  таа.

Со години наназад, додаде, нашата централна банка одржува високо ниво на девизни резерви, што е гаранција за стабилноста на девизниот курс на домашната валута.

-Во моментов, како што и веќе соопштивме, нивото на резервите е нешто над три милијарди евра. Според сите меѓународни показатели, ова ниво упатува на адекватност на резервите и на капацитет за справување со било какви шокови во нашата економија, укажа гувернерката, при што посети дека во 2008 година, кога економијата доживеа неочекувани шокови, нивото на резервите беше значајно пониско.

Ангеловска-Бежоска порача дека Народната банка веќе активно работи на најновите макроекономски проекции, при што се имаат предвид сите очекувани ефекти од новонастанатата ситуација со пандемијата на ковид-19, како врз домашната економија, така и врз надворешното окружување. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

31.03.2020 - 10:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега