Ангелов: Зарем требаше да падне хеликоптер за да се увериме дека не треба да летаат на пеколни температури?

Во девет часот одржавме состанок на Групата на процена и по опсежна расправа едногласно одлучивме дека нема потреба за прогласување кризна состојба, но телото ќе биде во постојано заседание доколку има потреба да се прогласи кризна состојба на дел од територијата“, информираше на денешната прес-конференција директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

-Одредени центри на моќ пренесуваа дезинформации дека пожарот од пред пет дена кај Кочани не бил изгасен и повторно се разгорел. Не е точно, ова е нов пожар, кој најверојатно е поради спој на жици од далновод. Споро се ширел и бил под контрола, но ненадејниот јак ветер и сувата вегетација придонел да се рашири пожарот во различни правци. Од градоначалникот ми беше побаран хеликоптер, но тој се наоѓаше во Старо Нагоричане, каде беа загрозени повеќе куќи и тоа на терен што е тешко пристапен за цистерните. Додека, пак, пожарот кај Кочани можеше да се контролира по земјен пат, кажа Ангелов.

Истакна дека дезинформација е дека ЦУК не преземал ништо за гаснење на пожарот.

-Уште во раните утрински часови, ангажиравме хеликоптер за гаснење пожари, односно тој полета накај Нагоричане. Во текот на вчерашниот ден со мое приватно возило заминав за Крушево, место кадешто сакам да го чествувам нашиот најголем празник, особено како бранител што крвавел. Јас не можам да знам дека во тој момент ќе се појави таков пожар, еве можеби и додека ја држам прес-конференцијата некаде се јавува страшен пожар, вели Ангелов.

Ангелов истакна дека на температури повисоки од 37 степени, не е безбедно летањето на хеликоптерот и не смее да се жртвуваат пилотите.

-Нивните животи нема да успееме да ги вратиме, а шумата повторно ќе израсне. Еден од хеликоптерите прегреа вчера и мораше да се крене на 2000 метри да се излади, за да се врати во базата. Не само македонските, туку и српските не можат да летаат на овие пеколни температури. Зарем треба да падне хеликоптер за овој факт да се потврди?, прашува Ангелов.

Додаде дека побарал веднаш да се пренасочи хеликоптерот од Старо Нагоричане кон Кочани, но тоа било невозможно, бидејќи ќе немал доволно гориво и ќе се изгубело драгоцено време за да се врати и да се наполни, па повторно да доаѓа до Кочани.

03.08.2021 - 12:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа