Ангелов: ВМРО-ДПМНЕ мора да победи и да ја врати библиска Македонија

Нека Господ ја благослови оваа конвенција, порача од говорницата еден од кандидатите за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Горан Ангелов од Виница.

И да не бидам избран, оној кој ќе биде избран од овие девет кандидати, ќе ја добие мојата поддршка, зошто ВМРО-ДПМНЕ мора да победи и да ја врати библиска Македонија, порача Ангелов, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ имало падови, но секогаш се враќало посилно.

Ангелов порача дека партијата ќе се обедини и ќе победи, зошто состојбата во земјата е очајна, таа е разрушена, владее апатија и морална ерозија.

Кога народот молчи тогаш е најнезадоволен, а сега народот молчи, се плаши. Време е ВМРО-ДПМНЕ да го поведе овој напатен народ, порача Ангелов.

Промената на библиското име, противуставното донесување на законот за албански јазик, сиромаштијата, скандалите, корупцијата кои се секојдневие, според Ангелов, се работите кои мора да се променат.

Ангелов порача дека ќе работи на подобрување на Армијата на Република Македонија, зошто безбедноста е столб на една земја.

Ќе предложам да се воведе воен рок, од барем 3-4 месеци, за да можат нашите деца да се научат на принципи. Армијата ќе брани од вистинските непријатели, порача Ангелов.

Тој се осврна на миграцијата и исселувањето, кое во времето на СДСМ се зголемило и на кое ќе работи да го промени.

Ангелов додаде дека ќе отвори хуманитарно-солидарен фонд, на страна од ФЗОМ, со кој ќе може да се помогне на сите болни деца, чии родители молат за помош.

Доста е коленичење пред секој, порача Ангелов.

На крај повторно порача дека ќе го поддржи секој кандидат.

На конвенцијата во Струга 523 присутни делегати од ВМРО-ДПМНЕ денеска го избираат претседателскиот кандидат на партијата.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.02.2019 - 14:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега