Пожарникарите го ставија под делумна контрола пожарот меѓу штипските села Пухче и Селце, каде што синоќа беа спасени викенд-куќи од опожарување. Борбата со огнената стихија продолжува на еден критичен крак кон селото Селце на планината Серта.

Командирот на ТППЕ-Штип, Благој Ренџов, ја објасни состојбата на теренот од изминатата ноќ и очекувањата за денешниот ден.

„Имаме уште еден крак каде што е критичен према селото Селце, но се надевам дека денес ќе ни послужи и времето, значит ќе биде поладно, ќе нема многу ветрови, да можеме да го ставиме и тој крак од огнот под контрола. Инаку огнот синоќа се закануваше кон првите викенд куќички, бидејќи имаме таму населба со викенд куќички. За тоа беше побарана и дополнителна сила од Дирекцијата за заштита и околните општини. Успеавме да ги спасиме викенд куќичките и за среќа да немаме повредени лица“, изјави Ренџов, истакнувајќи дека има сознанија од очевидец за подметнување на огнот.

Состојбата во целата држава останува сериозна, со над 41 регистриран пожар на отворено во текот на вчерашниот ден, информираше директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.

Додека пожарот на Пелистер е ставен под контрола, нов голем пожар навлезе од Косово кон селото Грачани, со фронт од над пет километри.

„Во текот на ноќта, од косовска страна во Македонија навлезе тежок пожар, кој што моментално се движи во атарот на село Грачани, кој што има голема огнена линија -долга повеќе од пет километри. На лице место се скопските пожарникари со поддршка на огнените тимови на Дирекцијата за заштита и спасување и сите се обидуваат да воспостават делумна контрола врз овој пожар, да не дојде до загрозување на околните села. Таквата опасност засега се исклучува, но мирисот од пожарот може да се почувствува во делови од Скопје“, изјави Ангелов.

Нови пожари се регистрирани и на Китка, во атарите на Количани и Цветово, каде исто така се претпоставува дека се подметнати.

Критично е и на подрачјето меѓу Струга и Дебар, каде што во гаснењето е вклучена и поддршка од воздух.

„Поради опасност овој пожар да се приближи кон блиските населени места, рано утрово таму е испратен како поддршка еден армиски хеликоптер, кој што со своето големо ведро дејствува во текот на целото утро. Се надевам дека пожарникарите од Струга ќе воспостават контрола барем од насока на селата, за да не дојде до нивно загрозување. На лице место исто така се и припадници на Национални шуми коишто се распоредени по линијата на пожарот“, посочи Ангелов.

Останатите активни пожари во земјава во моментов се со помал интензитет и не претставуваат непосредна опасност за населените места.

Exit mobile version