Ангелов: Имаме сознанија дека некои пожари намерно се запалени

Пожарите се шират со голема брзина, а имаме сознанија дека некои намерно се запалени, изјави директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

„Пожарите се шират со голема брзина. Дури се чудиме некаде како пожарите се шират и се појавуваат. Има одредени сознанија за намерно палење, необјасниви се причините за некои пожари“, рече Ангелов и додаде дека полицијата работи на случајот.

Што се однесува до апелите за ангажирање на хеликоптерите во гаснење на пожарите и критиките во јавноста дека тие недоволно се користат, Ангелов вели дека никаде во Европа хеликоптерите не гаснат пожари навечер.

„Хеликоптерите имаат лимит, не само нашите, и српските, и француските и американските. Никаде во Европа не постои хеликоптер кој гасне ноќно време, ова е проверена информација. На хеликоптерите не можеме да сметаме откако ќе се намали дневната светлина, тие мора да се вратат во база. Со нив управуваат луѓе чии животи ни се важни“, рече Ангелов.

Исто така, тој повтори дека на температура над 37 степени не е безбедно летање со хеликоптери.

„Паничното барање хеликоптери од стручни лица во наводници создава само паника. Верувајте преземаме сѐ што би презел секој ваков центар“, рече Ангелов.

05.08.2021 - 17:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа